СЕДМЕРЕЦ: Селекторе, не си во право!

Битна е 17-та од Германија, а уште побитна е стрелката свртена нагоре

1.Црвената линија под 17-ката

Цртале-не цртале официјално, на толку пишување за црвената линија ред е сега и да се повлече, макар и со еден потег и само од новинарски аспект. Машката ракометна репрезентација на Македонија го заврши настапот на ЕП 2024 во Германија, со три натпревари во прва фаза, со една важна победа и два очекувани порази, во конечниот пласман меѓу испаднатите (оние другите ќе поиграат уште малку во Хамбург и во Келн), на 17.место од вкупните 24 репрезентации што настапија на европското во Германија.

И, не се согласувам со минимизирањето на успехот и со изјавата на селекторот од гостувањето на МТВ дека тоа е небитно, дури и да е во друг контекст и со друга намера кажано. Впрочем, како што не се согласував ни со ланското минимизирање на неуспехот, затоа што и едното и друготи треба јасно да е дефинирано.

Во европски рамки можеби не е ништо, но за Македонија ова 17.место на ЕП може да биде и тоа како битно и тоа треба да се истакне како такво. Исто како што беше битно да се елаборира и ланското 27.место на СП или 22.место од претходното ЕП во 2022. Токму поради таа имагинарна црвена линија која го дели успехот од неуспехот. Некогаш и за некои погоре, некогаш подолу, зависно од можностите и од очекувањата.

И очекувањата не се небитни и не смеат да бидат релативизирани дури и кога носат малку поголем притисок. Ако ги нема, спортот би бил само рекреација, не и натпревар. За национална репрезентација во национален спорт тоа би било погубно и селекторот сигурно тоа добро го знае.

2.Стрелката конечно, нагоре

Се сеќавам на една бурна реакција во Албервил 2017 година од тогашниот селектор Лино Червар за паралелата меѓу тогашното 15.место на СП во Франција, во споредба со 9.место две години претходно на СП во Катар. Колку и да беше Лино лут на новинарите дека се „лоши и злочести“ што прават споредби, всушност таа панична констатацијата дека македонската репрезентација тргна надолу, се покажа точна. И колку и да се бараа оправдувања во „промената на системот“ која впрочем, важи за сите, не само за нас, пласманите потоа беа со стрелката надолу. Уште едно 15.место со прва елиминација без главна фаза на СП две години подоцна во Германија, па разочарувачко 23.место во Египет 2021, па најлошото 27.место лани во Полска.

На европските првенства, последниот краток блесок беше набрзо по смената во пресвртната 2017, со 11.место на ЕП 2018 во Хрватска. И потоа надолна линија – 15.место без главна фаза две години подоцна во Виена, 22.место без главна фаза и без ниедна победа во 2022 во Дебрецин…Ако продолжеше трендот и годинава ќе беше погубно за македонската репрезентација. Првите два натпревари против фаворитите секако беа отпишани. Очекувањата се сведоа на „чудо“ и на „барем да одиграат…“

Но победата против Швајцарија, прва на европско по 4 години и 6 дена од последниот минимален триумф против Украина на ЕП 2020, ја смени сликата. Конечно, се сврте стрелката нагоре. Битно е 17.место токму поради тоа свртување на стрелката. Како што беше битно и она 15.место од Франција во 2017 во другата насока.

Можеби ќе се покаже „златен“ и оној последен погодок со кој Марко Митев го заокружи впечатокот од ова европско, а Македонија на крај беше за еден гол подобра од Грузија во гол разликата. Македонија со -17 го освои 17.место и отиде над линијата во првиот шешир пред ждрепката за баражот за следното СП 2025, а Грузија со -18 ќе оди на мегдан со некој од фаворитите. Можеби за една Шпанија небитни комбинации, ама за Македонија и тоа како битно во квалификациите и баражите да ги избегне најсилните селекции за да го задржи континуитетот во настапите на големите натпреварувања. И, во најдобар случај, да ја задржи стрелката нагоре.

3.Криво седи, право збори

Кога се сумираат впечатоците од настапот на македонската репрезентација на сè уште актуелното европско првенство, не треба да се заборави дека – здрава критика бара и здрава пофалба. И од официјалните и од неофицијалните лица и од седмата сила. Барем кога работите се гледаат чисто од спортски агол, без засенувања од лични интереси или клупски пресметки, ривалства и реваншизам.

И вреди да се запишат уште неколку цртки по настапот на Македонија на ЕП 2024.

– Кога се критикува системот треба да се сетиме и кој  го поддржа да биде таков каков што е, заедно со „развојот на идејата“ за клуб репрезентација или база. Но и дека по новата практика во репрезентацијата главно се селектираат играчи што играат во домашните клубови, па и логично се наметнува заклучокот дека играчите на тој начин повеќе се стимулираат да останат дома „на видик“, отколку да се решат да заминат и да се калат во посилни првенства во странство. Менувањето на системите четири пати за пет години е друг проблем.

– Кога се критикува проектот од Автокоманда, треба да се спомене фактот дека од РК Алкалоид доаѓа 20-годишниот Марко Митев кој, без дилема е играч што има најголем напредок, беше најзабележителен на ова ЕП и во Германија стигна најподготвен. Но, исто така не треба да се заборави ни фактот дека Митев во Автокоманда дојде од Бутел. Па, кога се анализира не може и да се генерализира дека во другите клубови слабо се работи и дека тие не придонесуваат ништо за македонската репрезентација. Иако, држи забелешката дека успехот во многу зависи и од индивидуалниот ангажман на играчите.

– Кога се критикува шампионот од Битола и дека таму странците се (беа) главни, а македонските играчи само додаваат пешкири, треба да се спомене и фактот дека двајцата најефикасни македонски репрезентативци на ова ЕП се Жарко Пешевски и Ненад Костевски. Ако се додаде и Филип Кузмановски како четврти стрелец и прв асистент со 17 асистенции (17-та дефинитивно е најбитна бројка на ова ЕП), излегува дека тројцата најпродуктивни играчи во македонскиот состав на ова ЕП доаѓаат од Еурофарм Пелистер.

– Кога се критикува дека македонската репрезентација нема никаков ќар од титулите на Вардар, треба да се спомене и учинокот на Мартин Томовски кој да не бранеше како што бранеше кога Никола Митревски го немаше, можеби ќе ја сонувавме и победата со Швајцарија. Да не се заборави и формата и ширината што ја има Милан Лазаревски на пикерската позиција како и улогата на Томислав Јагуриновски на десен бек. Сите тројца најголемиот просперитет го постигнаа токму во Вардар. Има тука и уште еден битен факт што треба да се истакне и да стои како пример – Борко Ристовски го искали Томовски во свој достоен наследник на голот. Столе Стоилов се што беше му пренесе и од Мечка направи „ѕвер“ на пикер.

– Кога го критикуваме селекторот, треба да споменеме и дека Кире Лазаров, со сите доблести и маани, беше тој што се врати да ја води македонската репрезентација во втората голема генерациска транзиција по оној потоп во Египет. Се спушти лани на најниското скалило, но на крај сепак, го смени пристапот и успеа да ја сврти стрелката нагоре.

И затоа 17-та на ЕП овој јануари оди над црвената линија што ги дели успехот и неуспехот. Не е сензационален успех, но за Македонија во оваа ситуација никако не е небитен.

4.Ѓорчепетровки се фатија на оро

Стрелката конечно се сврте нагоре и за македонскиот женски ракомет. Скретничар одново е шампионот ЖРК Ѓорче Петров.

Во првиот настап годинава македонскиот шампион го елиминира чешкиот Кимжварт и обезбеди европско четвртфинале, прво по 6 години од последното што го играше ЖРК Вардар на Ф4 во Лигата на шампионите, кога се имаше и се можеше.

Ѓорчепетровки се меѓу осумте најдобри екипи во Европскиот куп, направија чекор напред во однос на лани кога стигнаа до осминафиналето и се фатија на орото да го прослават успехот. Апсолутно заслужено.