СЕДМЕРЕЦ: Кој рече дека не може?

Младите македонски ракометарки се пласираа во главната фаза на „домашното“ СП, Еурофарм Пелистер доби вајлд-карта за ЛШ и го повлече Вардар во групната фаза од Европската лига, Борко Ристовски стана министер за спорт

1.Со крената тупаница во Топ 16

Женската младинска репрезентација на Македонија обезбеди место меѓу најдобрите 16 во светот во главната фаза на Светското првенство (У20) што се игра во Скопје. Избраничките на селекторот Дарко Јанев во првата рунда на мундијалот запишаа воведна победа против САД, решавачка против Ангола и „европски“ пораз од селекцијата на Исланд со која „ни се врзаа нозете“ и пред две години на кадетското СП во Скопје.

Со пласманот во Топ 16 македонската репрезентација ја штиклира првата цел на мундијалот и покрај непријатните пехови со повредите пред стартот.

„Среќен сум за моите ракометарки, го постигнавме тоа што го договоривме. Најмногу се радувам што ниедна од ракометарките не се пожали, ги издржаа сите пехови што се случија пред и за време на СП“ – ќе ги пофали селекторот младите македонски репрезентативки.

Борбенста и упорноста се вредни одлики што ги носи новата генерација во македонскиот женски ракомет. Уште повредни се насмевките, кренатите глави и стиснатите тупаници. Посебно онаа на Матеја Чурлиновска, карактеристична, но и симболична токму поради една малку подруга ситуација што негативно го одбележа претходниот кадетски мундијал на кој Македонија на крај заврши на 12.место.

Македонската голманка беше играч на натпреварот со Исланд. Мимо убедливот пораз, Чурлиновска остави најдобар впечаток. Штета само што на овој меч, нападот не успеа поефектно да ги искористи нејзините одбрани. Но, битно целта е остварена.

Нов предизвик за македонската репрезентација на второто ниво на мундијалот се селекциите на Португалија и на Црна Гора и натпреварите за пласман во финишот на шампионатот. Младите ракометарки заслужуваат поддршка и од јавноста и од публиката во двете скопски сали.

Впрочем, за македонските навивачи влезот е бесплатен. За странците не е. Оваа „популарна“ акција за домашната публика, генерално, за европски и за светски првенства е прилично невообичаена одлука на организаторите со селекција на публиката да се стимулира посетата. Ама, нејсе.

Што знаат Исланѓани и Норвежани што се 10 евра зашпарани!

2.Тројна добивка од вајлд-картата за пелистерци

Седмицата што измина за Македонија освен на репрезентативно ниво како домаќин на Светско женско младинско првенство(У20), беше битна и на европско клупско ниво. Македонија останува присутна во Лигата на шампионите, иако по ранкинг годинава го загуби местото во најелитното европско клупско натпреварување. Натпревари од ЛШ во Македонија ќе има и во наредната сезона благодарение на вајд-картата што ЕХФ му ја додели на Еурофарм Пелистер како македонски шампион.

Низ бројки, во Лигата на шампионите фиксно место имаат 9 екипи на кои им се приклучуваат уште 7 екипи со вајл-карта.

Од 12 апликанти за дополнително место во најсилното европско натпреварување, Еурофам Пелистер е во избраните 7 заедно со Келце, Пик Сегед, Нант, Динамо Букурешт, Загреб и Фредериција.

Се сомневавме дека нема да може, ама ете, со вистинска заложба – може.

Резултати од минатата сезона не му одеа во прилог на битолскиот тим, како што реално и рационално ќе прецизира и претседателот Зоран Стерјев. Но пелистерци имаат традиционално бројна публика и натпреварите на македонскиот шампион стандардно се меѓу најпосететните во ЛШ. Битола се покажа како добар домаќин, Еурофарм Пелистер како стабилен тим со стабилен, респектабилен спонзор што на крај се потврди и со позитивното лоби во Келн. Сумирано, Битола и во следната сезона ќе има елитен ракомет и ќе угости некои од европските ракометни великани, а Еурофарм Пелистер силни натпревари и континуитет во ЛШ. Тоа е првата и за Битола најголема придобивка од европската вајл-карта за македонскиот шампион.

Од вајлд-картата за пелистерци се офајди и Вардар. Настапот на Еурофарм Пелистер во ЛШ го повлекува Вардар директно во групната фаза од Европската лига. Вардарци сега ги прескокнуваат квалификациите во кои секогаш може да се налета на некоја „нагазна мина“ како лани против Рајн Некал Левен, со оглед на тоа кои сè екипи ќе играат во второто по ранг европско натпреварување, од Кил и Фленсбург па натаму. За поранешниот двоен европски шампион, сега актуелен македонски вицешампион, тоа ќе значи големо враќање на европската сцена по две сезони, практично, без европски натпревари. Првата поради суспензијата од ЕХФ, втората со блиц настап со само два одиграни натпревари со РНЛ и августовска елиминација уште во квалификациите за Европската лига.

Директниот пласман во групната фаза од Европската лига сега на Вардар му носи најмалку 6 натпревари со силни европски екипи, многу подолга европска сезона и сигурно, враќање на навивачката еуфорија во „Јане Сандански“.  Тоа, во некоја рака, може да биде еден нов почеток и европски рестарт на најголемиот македонски спортски бренд. Што е втората или фигуративно, „скопската“ придобивка од „битолската“ вајлд-карта.

Третата е придобивка за македонскиот ракомет, севкупно. Лигата на шампионите е најелитното европско ракометно натпреварување. Носи најголем интерес, но значи и почитување на стандарди и одржување ниво и квалитет. Со четири сигурни екипи во сите три европски натпреварувања во машка конкуренција, кои може да бидат и пет ако Тиквеш влезе со вајл-карта во Европскиот куп, со Еурофарм Пелистер кој сега веќе не е нов во ЛШ и сигурно ќе стартува со поголеми очекувања од лани, со Вардар кој во Европската лига сигурно ќе се бори да го врати европскиот углед и плус со амбициите на Алкалоид и на Охрид во Европскиот Куп, Македонија ја очекува интересна и во секој случај, добро покриена европска сезона.

Работите некако како да си доаѓаат на свое место.

3.Ракометот даде и министер

И на крај, седмицата е заокружена со уште една ракометна победа. Борко Ристовски од вчера и официјално е новиот министер за спорт во македонската влада. Прославениот голман на македонската ракометна репрезентација кого публиката пред многу години го назначи за „министер за одбрана“ меѓу стативите, сега е во реална министерска позиција од која како министер за спорт треба да „брани“ за победа на спортот во Македонија.

Министерството за спорт во Македонија се враќа во функција по две ипол децении од времето кога професорот Георги Боев го предводеше овој ресор. Ракометот го дава првиот министер за спорт во новата ера и прв воопшто во агендата „спортот на спортистите“. Што на крај е уште едно своевидно признание дека ракометот е спорт број еден во Македонија и во оваа сфера.

Вчерашната инаугурација ме потсети на едно интервју за 24ракомет од пред 5-6 години кога Борко Ристовски ја најави заложбата за формирање на Министерство за спорт со кое спортот, кој низ годините тонеше на маргините, би се вратил на ниво на државен интерес и сфера во која треба да се вложува многу повеќе. „Министерот за одбрана“ ја одбрани идејата и остана доследен на оваа заложба, а нејзината реализација во новата влада практично е првото остварено ветување и прв чекор кон реализација на повисоката цел – спортот во Македонија да го добие местото што го заслужува.