СЕДМЕРЕЦ: Како ќотек во темница

На он-лајн седница на УО на РФМ, последната за годинава, по брза постапка поминал и новиот систем на натпеварување што претходно заглави на Собрание

1.Трето полувреме

Необичен натпревар со три „полувремиња“ или попрецизно три третини од по 30 минути, тамам е за да ја заокружи необичната 2023 година. Да не биде дека си играме само со Грција 2+2 пред Европското во Германија, машката ракометна репрезентација на Македонија на 29 декември ќе одигра плус уште „еден ипол“ контролен натпревар со Црна Гора со 3х30. Во недостаток на спаринг-партнери во подготовките…

Така информирал селекторот на последната од оние необични онлајн седници на Управниот одбор на РФМ што уште од короната им легнаа „како ќотек во темница“ што би рекол еден наш колега. На нив случајно, нема за сите „приклучок“ и се поминува „глатко“ и со акламација, без дискусија. Баш ќотек во темница!

И не само натпревар со „три третини за седум осмини“, на „коронарните“ седници на УО „без вакцина“ поминува и извештај на селектор што не бил на официјален собир на репрезентација во женската ЕХФ недела.

И извлекувањето во Солун на машката репрезентација, он-лајн поминува како успешна мисија.

И раководството, он-лајн, изразува „задоволство од работењето“ во репрезентативните селекции! А, реално, во последните репрезентативни акции, само машката младинска репрезентација може да извади ситуација и позитивна оценка во големата репрезентативна слика.

Ама он-лајн седниците на ракометниот УО се како оние лажни „пазл-фотки“ со испеглани брчки и залепени насмевки, на кои само си бираш во која приказна ќе влезеш и после по социјалните мрежи се смешкаш како принцеза.

2.Системот во јазол

Според информациите достапни само во дел од медиумите што селективно добиваат приклучок на он-лајн седниците на УО на РФМ, на последната за оваа година, „како ќотек во темица“ по брза постапка поминал и новиот систем на натпреварување што заглави на Собрание, па беше тактички оставен на „доразгледување“ со префрлени ингеренции на УО за усвојување.

Демек, решен проблемот со гломазната лига за која сега сите се согласни дека не е функционална, откако клубовите отидоа во втор ешалон во Европа, а репрезентативците што постигнуваат по 10-15 гола во „силната“ Супер лига, на европските и светските превенства се чудат што да прават со топката. Иако, кога ја враќаа проширената лига во 2022, важеше некоја друга математика. Тогаш без дискусија се отфрлаа како „непријателски“ сите укажувања за негативните последици од второто проширување на лигата во третата промена на системот на натпреварување во три последователни сезони, сите донесени по брза постапка без транспарентна дискусија. Сега РФМ се соочува со отворено незадоволство на клубовите кои лесно ги внесе, ама сега тешко може да ги изнесе од највисокиот ранг на натпреварување, во скратен рок од декември до јуни, со одлуки врзани во јазол кој наместо да се одврзе, уште повеќе се заплетка.

Прво со „акцијата“ со списоците што ги пуштаа по клубовите, протнати како наводно нивна иницијатива за промена на системот на натпреварување пред годишното Собрание. Што потоа донесе парадоксала ситуација – промените претставени како иницијатива од клубовите да не бидат изгласани – од клубовите! Па беше префрлено системот да го реши УО во „трето полувреме“, по дополнително разгледување на ситуацијата и со гласање што полесно може да се „координира“. Плус он-лајн, не може да не помине.

И откако „извршното тело“ дополнително ја разгледало ситуацијата, одлуката за новиот состем на натпреварување што треба да стартува не преку една, туку од наредна сезона, се носи по брза и нетранспарентна постапка на он-лајн седницата на УО на РФМ кој по Статут „ги извршува и спроведува одлуките, ставовите и заклучоците на Собранието“ (член 34) и по истиот член е надлежен да го „утврдува системот на државниот куп на натпревари“, но не и да го „усвојува системот за ракометни натпревари во сите степени на натпреварување во Република Македонија“ што по член 22 од Статутот е во надлежност на Собранието на РФМ.

И после се чудиме зошто работата на националната федерација не е нешто многу транспарентна и зошто за седницата по брза постапка, извештајот со одлуките оди „по бавна постапка“. Оти, три дена по седницата, до утрово, на официјалната страница на РФМ нема(ше) информација за одлуките иако по Статут „органите на РФМ се должни редовно и навремено да ја информираат јавноста за својата работа“.

Велат, се криеш кога сакаш нешто да скриеш. Па и да не е така, кога многу прашања остануваат без одговор, сомнежот останува да виси.

3.Одјава и најава

Во последниот понеделник од годината што изминува ред е да се сумира она што ги одбележа овие 12 месеци на македонскиот ракомет. А во него годинава, па богами, имаше сѐ и сешто – и тешки порази и утешни победи, он-лајн седници и извештаи со поминат рок, „бела прашкаста“ во раководните структури регистрирана во МВР и премолчена од РФМ, сменет резултат на завршен натпревар и обвинет семафор, факели на трибини и пендреци по глава, тренер што воспитно „тостираше“ деца и уште еден премолчен инцидент…

– Имаше годинава и позитивни извештаи на негативни резултати, поддржан, па преку ноќ сменет селектор и друг назначен, па на прва акција „отсутен“ без образложение, телефонски смени и прекршени правилници со тренери без лиценца.

– Во 2023 година ќе остане запишан и најслабиот пласман во историјата на машката репрезентација на Македонија со 27.место на СП во Полска во негатива, поминати квалификации и преку Луксембург и Турција задржан континуитет во настапите како позитива.

– Два непланирани порази на женската репрезентација од Украина во баражот за СП со минус напред и успешен старт на новиот циклус квалификации како позитивен знак.

– Дебакл на кадетките (У17) на ЕП во Црна Гора и на младинките (У19) на ЕП во Романија, но и блесок на младинците (У19) со 9. место на СП во Хрватска што е репрезентативно највреден резултат годинава.

– Голема смена на клупската сцена откако Еурофарм Пелистер успеа да го симне Вардар од тронот и по 18 години да ја врати шампионската титула во Битола. Битола го виде Кил, ама сезонава се уште не виде бод во ЛШ.

– Вардар по цела деценија за прв пат ја загуби доминацијата, па во новата сезона одново успеа да се консолидира и да држи лекција.

– Алкалоид од дебитант стана вицешампион, прв пат излезе на европска сцена и против Ла Риоха запиша сефте бодови.

– Од сцената се одјави уште еден шампион, ЖРК Металург не ја преживеа кризата.

– Во нов шампионски поход тргна ЖРК Ѓорче Петров. Ѓорчепетровки втора година по ред обезбедија осминафинале во Европскиот куп и сезонава станаа најуспешна македонска екипа на европска сцена.

– Македонија на екипниот ранкинг на ЕХФ падна на малерозната 13-ка и за прв пат го загуби местото во Лигата на шампионите…

Генерално, тоа се оние највпечатливи моменти што ја одбележаа турбулентната 2023 година. На каде ќе оди стрелката во 2024 ќе биде јасно уште во јануари. Добро упатени извори, најавуваат возбудливи настани во првиот месец од годината.

Некаде прочитав дека јануари те тера да го заборавиш декември…Ќе дојде нешто како „четврто полувреме“ .