Во ракометна Македонија се наоѓа занимација дури и во прилично здодевна ракометна седмицa
1.Очекувана разврска со нов тиквешки шмек
Ако втората позиција на Охрид на табелата во плеј-офот е изненадување на сезоната, Тиквеш дефинитивно, е новото освежување во завршницата од Купот на Македонија.
Кавадаречкиот тим и се приклулчи на веќе етаблираната „голема тројка“ со Еурофарм Пелистер, Вардар и Алкалоид во завршната фаза од борбата за Куп титулата. Ланскиот „четврти“, тимот на Пролет, годинава во група со Вардар како бранителот на титулата и немаше многу шанси да го повтори ланскиот пласман, па многу не се ни амбицираше во прелиминарната фазаод Купот што беше главната ракометна „дешавка“ на македонската ракометна сцена изминативе денови.
Во слична ситуација се најде и Охрид на кого ќе му требаше уште една голема сензација за да стигне до Куп-полуфинале во група со шампионот Еурофарм Пелистер. Па, сигуно многу порационален избор беше силите повеќе да се насочат кон другата поважна битка во суперлигашкиот плеј-оф, особено кога веќе изборената позиција отвора релна шанса за успешен финиш на сезоната.
Алкалоид по ланскиот супер пробив, сега го задржува континуитетот. Во кумско-тренерската пресметка во четвртфинлниот дуел, вицешампионот наиде на сериозен отпор од Бутел, но на крај Алкалоид ја потврди апсолутно фаворитската улога во втората група и очекувано обезбеди место во завршницата од Купот.
Тиквеш го заокружи Куп-викендот со доминација во кавадаречката прва група и дава нов шмек во завршните борби за престижниот пехар. Победа против „двојката“ на Еурофарм Пелистер и уште една против „двојката“ на Алкалоид или Мулти Есенс, на кавадеречкиот тим му донесе место во првата четворка и пласман во завршницата на Купот. Паметно искористени сили за уште еден чекор напред на Тиквеш и уште еден плус за Раде Стојановиќ на клупата како битен фактор во подемот што го бележи сезонава кавадаречкиот тим како ново освежување на македонската ракометна сцена.
2.Крпено-шиено на крај неизвесно
За разлика од предвидливиот и горе-долу очекува исход во разигрувањето за Купот во машка конкуренција, во женска конкуренција покрај голеадата и натпреварите со 15-20 гола разлика, „падна“ и едно четвртфинале како финале.
Од четирите прикрпени групи од кои две беа со по три екипи, најнеизвесно беше во „единицата“ во која ЖРК Куманово се избори за одбрана на титулата во завршницата од Купот на Македонија по минималната, но полуфинале вредна победа против Металург Автокоманда.
Кумановки ќе се борат за одбрана на титулата во познато друштво со шампионот ЖРК Ѓорче Петров кој со две 40-ки без проблем ги помина Спартак и Пелистер, потоа со ЖРК Вардар кој со двоцифрени разлики доминираше во групата со Гевгелија и Деспина и со ЖРК Чаир кој со една убдлива победа над Овче Поле во една од скратените групи, се враќа во четворката што ќе се бори за пехарот во Купот.
Годинава веројатно, во регуларна и прописна завршница за разлика од лани кога Ф4 во Купот наместо со четири, се играше со три екипи откако стариот ЖРК Металург поради кризата се откажа од настапите.
Овој новиот ЖРК Металург Автокоманда што сезонава се појави како нов субјект, делумно на старите основи во однос на името, тренерскиот и дел од играчкиот кадар, уште во првата сезона веќе се етаблира како еден од водечките во помалку хибридната единствена македонска женска лига. Нешто слично како и „новите сини“ од Автокоманда во машка конкуренција во ланската дебитантска суперлигашка сезона.
Освен што е моментно на втората позиција на табелата со реални шанси за висок пласман и „на прва“ излез во Европа, ЖРК Металург Автокоманда изминатиов период беше актуелен и во спорните телефонски ВАР драми, соопштенија и преписки по реми разврската во дербито со ЖРК Ѓорче Петров и победата во дербито со ЖРК Чаир. Во четвртфиналната фаза од Купот, новиот клуб од Автокоманда стартуваше со најубедлива победа со дури 26 гола разлика, постигнувајќи дури 53 погодоци против ЖРК Скопје. Но потоа во решавачката пресметка со бранителките на титулата, ЖРК Металург Автокоманда загуби минимално и остана без пласман во завршницата од Купот.
И така, од крпено-шиено на крај ќе излезе драматично и неизвесно барем во однос на пресметките (било во Купот или во првенството) меѓу екипите што видливо се издвојуваат во горниот дел од единствената женска лига која повеќе од извесно „плаче“ за трансформација во две посебни во два ранга на натпреварување. Што и не е толку драматично за реализација посебно сега кога веќе го нема ваучерот да ги изместува работите. А добивката за македонскиот женски ракомет сигурно ќе биде многу поголема со концентрација на квалитетот и професионализација на клубовите.
3.Противници по мерка за нова јануарска треска
Покрај помалку или повеќе интересни, извесни, неизвесни или само рутински одиграни натпревари во четвртфиналната фаза од Купот, деновие македонската ракометна јавност беше преокупирана и со ждрепката за новиот квалификациски циклус на машката ракометна репрезентација на Македонија. Со оглед на фактот дека од топчињата во Виена може во многу да зависи и континуитетот во настапите на големите натпреварувања, исходот од ждрепката се чекаше со големо внимание. За на крај со исто така поприлично големо олеснување да ги наредиме Словенија, Литванија и Естонија како противници по мерка против кои може да се игра и реално да се очекува пласман на едно од првите две места во групата. А, некои можеби и со време да си направат „ребаланс на буџетот“ за скандинавското ЕП 2026 во Данска, Норвешка и Шведска.
Се разбира со ставка „приоритетно“ за она поблиското што доаѓа следниот јануари – СП 2025 кое блиска Хрватска како ко-домаќин со Данска и со Норвешка, го прави уште попривлечно за македонската публика од претходно прилично емотивно врзана за Вараждин, Загреб…Нормално, свесни дека за реализација на третиот македонски ракометен поход во Хрватска, освен желбата, треба да се наредат уште некои коцки во мозаикот. Прво и основно да се поминат Фарски Острови во баражот. Што реално и не е некој преголем баук колку и да е Скипаготу вонсериски. Особено по јануарското будење на македонската репрезентација и оној мал, но вреден ичекор напред. Впрочем, сите добро знаевме дека 16 јануари и Швајцарија може комплетно да ја сменат перцепцијата. И така бидна.
Иако, за официјален извештај за настапот и годинава малку ќе почекаме. Нека е со поминат рок само да не се арчи многу време и хартија. Нека помине и баражот, па ќе стуткаме две во едно. И така во Македонија се е формално, па и правилниците и прописите. Закони прекршуваме, па никому ништо, не па за статути и правилници! Битно ние пак да си го видиме Вараждин, па за другото лесна работа, ќе се среди.
Во ракометна Македонија се наоѓа занимација дури и во прилично здодевна ракометна седмица, нели?
Тргнуваш од Кавадарци па стигнуваш до Фарски со поглед на Данска во 2025, а може и 2026, и на крај веќе седиш на кафе кај „Грофица Марица“ во Вараждин и чекаш да почне Македонија против некого на СП 2025!
Пасијата лесно создава фикција…На здравје!