СЕДМЕРЕЦ: Изгубени во „свемирот“

Алкалоид запиша два порази во серија, Вардар направи брејк во Автокоманда и се врати во игра за титулата...а, ЖРК Ѓорче Петров распали по РФМ

1.Вардар предвреме не се отпишува!

„Играте како изгубени во свемирот“ – им подвикна Кире Лазаров налутено  на играчите на Алкалоид затекнати од налетот на Вардар во дербито во Автокоманда од посебно интересното 5.коло во суперлигашкиот плеј-оф.

По 17 победи во серија и супериорност во првиот дел од сезоната во кој, случајно, не им се вкрстуваа патиштата ни со Вардар, ни со Еурофрам Пелистер, вицешампионот сега има два порази по ред кои сериозно ја нагризуваат самодовербата, но и позицијата на табелата. Ако тенката победа со Тиквеш беше прв знак за опасност, а поразот од Охрид неочекувано предупредување, потопот од Вардар веќе е сериозен аларм за позициите и амбициите на новите сини од Автокоманда кои вчера во поголем дел беа баш како „изгубени во вселената“. Или „свемирот“ ако сакате изворно во оргинал.

Овој плеј-оф во кој повеќе од половина од екипите „гризат“ сериозно за позициите што обезбедуваат европски настапи, ќе биде можеби и најсериозниот тест за амбициозниот проект и ситен филтер за реалниот квалитет и капацитет на оние што можат да се носат со притисокот и оние кои залудно трошат шанси, а реално не можат да одговорат на барањата и на очекувањата.

Вардар пак е како „жива вода подземна“. Кај што тоне таму извира и никогаш предвреме не се отпишува. Колку и да беше шокантен поразот во Битола и уште повеќе тој во Кавадарци пред две недели, вардарци успеаја да се вратат во колосек и екстра мотивирани да излезат на мегдан во Автокоманда.

Јапонецот Косуке Јасухира на плејмекерската позиција дефинитивно прави разлика во играта на Вардар. Но овој пат разлика направи и добро поставената одбрана како и препознатливото единство на црвено-црните што се активира особено кога треба да се извлечат од незавидна ситуација.

Вардар изненадувачки супериорно воспостави целосна контрола на мечот, на моменти и со +9  во позитива, а „комитите“ одново ја живнаа атмосферата во Автокоманда како во добрите стари времиња на големото дерби. Поучени од ланската лекција, вардарци не дозволија да им се повтори иста ситуација и овој пат изборија важен брејк во Автокоманда кој одново ги враќа „отпишаните“ во борбата за шампионската титула.

2.ЛШ ли е, СЕХА ли е?!

Важни бодови на гостински терен викендов прокнижи и шампионот Еурофарм Пелистер во „пријателското дерби“ со Тиквеш во Кавадарци. Иако дуелот во Кавадарци од домашниот плеј-оф, за битолчани стана поважен од оној во Тронтхајм во Лигата на шампионите, на крај сѐ помина без поголеми изненадувања за шампионот.

Заедничкото навивање на кавадаречките „лозари“ и битолските „чкембари“ на крај овековечено и со заедничка фотографија на двата тима, само ја докомплетираа пријателската атмосфера на дуелот означен како дерби кое може да одигра клучна улога во конечната разврска во плеј-офот.

За едни убав пример за пријателство и соработка на спортските терени, за други пак „чудна игра“ и коалиција против метрополата за да се заплетка јазолот…

Во исто време, остана отворена и дилемата дали е исправен потегот и изброт на македонскиот шампион во последниот натпревар од Лигата на шампионите против Колштад во Норвешка да отпатува само со 13 ракометари, оставајќи ги клучните играчи на поштеда за суперлигашката пресметка со Тиквеш во Кавадарци.

Факт е дека Еурофарм Пелистер резултатски не се прослави со настапот во најелитното европско натпреварување што Битола го чекаше со децении. Можеби и последниот 14 пораз во ЛШ бил однапред вкалкулиран, па во битолскиот тим решиле помалку ревијално да поминат на редот со Колштад и да чуваат сили за Тиквеш во одбрана на титулата.

Можеби целта ги оправдува средствата, кој да знае…Но некако не оди ни да се сведе односот на шампионот кон најелитното европско натпреварување како да е некој подготвителен турнир во Бугојно или како да е СЕХА во распад сезона. Настрана што натпреварот со Колштад може да биде и последен за македонски претставник во ЛШ во догледно време бидејќи Македонија, според ранкингот, од следната сезона го губи директното место во најелитното европско натпреварување. Наместо тоа, новиот шампион на Македонија ќе се бори за резервна вајлд-карта за место во ЛШ. А дали ќе ја добие, особено со ваков однос на актуелниот шампион, е тоа, богами и тоа како ќе биде дискутабилно прашање.

3.Шампионот распали по РФМ

Актуелниот шампион на Македонија во женска конкуренција ЖРК Ѓорче Петров, сега е единствениот преостанат македонски претставник во европските купови. Ѓорчепртровки од новата ера, бележат историски пласман во четвртфиналето од Европскиот куп, но и лош настап на гостувањето во Шпанија и тешко достижни 15 гола негатива од првиот четвртфинален натпревар со Елче. Тоа ги сведува шансите за пласман во полуфиналето на теорија и покрај бразилските засилувања.

И за разлика од машкиот шампион кој во ЛШ се чуваше за настапот во домашниот плеј-оф, женскиот шампион пред европското четвртфинале се истроши во „бурното дерби“ во домашниот плеј-оф. Дуелот меѓу ЖРК Ѓорче Петров и ЖРК Металург Автокоманда заврши со „спорно реми“ по кое шампионот распали по РФМ со реагција за арбитражата и со барање натпреварот да се регистрира со нивна победа. Што, впрочем и не е непозната ситуација за РФМ оти сезонава еднаш веќе смени резултат на завршен натпревар меѓу Пролет и Бутел.

Во меѓувреме, ВАР на македонски начин пролетва стана практика, па и на женското дерби судиите ги извадија телефоните за да ги прегледаат спорните моменти во една необична и помалку комична ситуација, која, да биде иронијата поголема, на крај може да биде и пресудна во борбата за титулата.

„Залудни се секакви емисари, понуди под маса, убедувања, ветувања. Нема веќе назад, мора да се стави крај на беззаконието и самоволието на одредени луѓе во ракометниот спорт, а тоа да се гледа немо и да се толерира од Ракометната федерација на Македонија и нејзините раководни структури и луѓе“ – реагираа од македонскиот шампион.

А за „беззаконието и самоволието“, ај за почеток сите што креваат рака со право на глас, пред следното Собрание нека го прочитаат внимателно Законот за спорт. Има таму еден прецизен член 14… За да не бидеме сите „изгубени во вселената“.