Победникот тагува, поразениот се радува, публиката на крај му аплаудира на најголемиот ривал со кој со децении „војува“ - момент што сигурно ќе се памети како редок и посебен во големото спортско ривалство.
1.Победнички пораз
Вардар прослави победнички пораз во Битола. Тимски, мангупски, сплотено и без нервози – уште еднаш се покажа успешен веќе добро усовршениот рецепт на „црвено-црните“ за излез и надминување и на најтешките ситуации. Секоја чест! Заслужуваат вардарци честитки и аплауз, посебно оној од битолската публика на крајот од дербито.
Победникот тагува, поразениот се радува. Публиката на крај му аплаудира на најголемиот ривал со кој по традиција, со децении „војува“! Да гледа некој од страна, што не ги разбира многу, многу македонските ракометните прилики, баш и нема да му биде јасно што се случува. Додуша, во еден момент изгледаше како да не им е јасно ни на некои од тие на терен…
А, се случуваше големото македонско дерби меѓу актуелниот и поранешниот шампион на Македонија. Еурофарм Пелистер го пречека Вардар во Битола со намера да му се реваншира за поразот во Скопје, безмалку сигурен дека може да го симне од врвот на табелата во сигурно, решавачката пресметка за пол-позиција во плеј-офот.
2.Со „линекс“ ги пречекаа, со аплауз ги испратија
И, на почетокот изгледаше дека за битолскиот тим се оди според планот. Иако помалку беше чуден изборот дел од клучните играчи да ги остават на трибини во пребројувањето на странците и да не го искористат поширокиот ростер во дуел во кој тоа можеше да им биде главен адут. Велат, со многу бабици детето килаво. Изгледа и во Битола ќе излезе така некако.
Нејсе. Еурофарм Пелистер имаше ефикасен старт и добро отворање на натпреварот, повеќе играчи, поголема свежина и константно водство, на моменти и со +8. Но, на крај – лошо затворање.
Премногу лабаво и ноншалантно пелистерци ја ситнеа предноста и ги трошеа нападите и минутите. И наместо голема, Еурофарм Пелистер заврши само со пирова победа. За еден гол „покуса“ од скопскиот пораз и недоволна за да го симне Вардар од врвот на табелата. Дури ни ваков „вирусан“ и преполовен. Што само додава уште некој тег во товарот на македонскиот шампион, натежнат по петте порази во Лигата на шампионите и уште повеќе, со негативниот биланс во дуелите со Вардар како директен ривал.
Вардарци отпатуваа во Битола без неколку клучни играчи и поради вирусот што ги нападна, со денови без „нормални“ тренинзи пред дербито.
Побараа одложување – не наидоа на разбирање. Кога немаше друго решение рекоа – добро, колку сме толку сме, ќе се бориме. Се прособраа, отпатуваа за Битола. Го облече дресот и Столе Стоилов, да пополни бројка и да му се најде на тимот на терен ако ептен загусти работата…Битолчани на шега и со „линекс“ ги пречекаа.
Ама, на крај „ѓаволот ја однесе шегата“. Вардар повторно се избори, остави срце на терен и го направи поразот победнички. И битолската публика со аплауз ги испрати вардарци. Момент што сигурно ќе се памети како редок и посебен во големото спортско ривалство.
3.Срамниот транспарент срам за Битола
Но, нема по добро да се памети вулгарниот транспарент и навредувачкиот однос на битолската публика кон новинарите кои ете, од некоја причина не им се по волја.
Во случајов конкретно, кон колегата од МТВ, Југослав Костовски, човекот кој повеќе од три децении е на спортските терени и бил линк со публиката од многу настани што го одбележале македонскиот спорт низ годините. Прегрбачил Југо во својата долгогодишна новинарска кариера и убави и лоши моменти и големи победи и разочарувачки порази и еуфорични прослави и исфрустрирани испади. Ќе го прегрбачи и овој битолскиот. Навредувачки за новинарите, а срамен за македонскиот спорт, за спортска Битола и за Пелистер како клуб со традиција. Испадот на дел од битолската публика со вулгарниот однос кон новинарот на МТВ, фрла вина и на управата на македонскиот шампион затоа што не реагирала да го спречи. Инаку, една од најкоректните во односот со јавноста и со медиумите, кои се соочиле и со други сериозни ситуации.
Како и многупати досега, на погрешна адреса ви е фрустрацијата, секогаш кога новинарите ви се виновни за поразите и погрешните потези, за кризите, разочарувањата и неисполентите очекувања.
Новинарите информираат, не играат, не судат, не селектираат, не скаутираат, не финансираат, не одлучуваат ни што, ни кој ќе играа. Не се ни психолози, ни психотерапевти…Информираат. Пренесуваат. Може да изразат свое мислење, да анализираат, да пофалат и да критикуваат, тоа им е работа.
Линк се меѓу настанот и реципиентот. Во спортот, меѓу спортистите и публиката. И кога ќе му текне некому да се пресметува со новинарите, нека замисли како би изгледал спорт во информативен мрак, па после нека се пресметува и нека вади транспаренти.
Вујо во едно интервју еднаш рече: „Да влезеш во кавга со новинар? Јас не знам никој што победил во кавга со новинар. Ниту пак некогаш ќе победи“
Во право е човекот.