СЕДМЕРЕЦ: Битола го виде Кил

Позитивни оценки на негативен резултат не е невообичаено во македонската ракометна перцепција

1…и Кил ја виде Битола

„Жешко е ама уживајте, оти ова ќе ви биде најладното лето во годините што доаѓаат“.

Оваа, изминатово лето често повторувана „климатска закана“, ми падна на ум во спортски контекст при сумирањети на резултатите и впечатоците од настапите на македонските претставници во европските ракометни купови,  неполни два месеци по стартот на новата сезона. Посебно оние последните од гостувањето на Кил кај Еурофарм Пелистер во Битола. И, посебно чуденките зошто битолчани, па и поголем дел од македонската ракометна јавност, го слават поразот како да е победа.

Што, рака на срце, во македонскиот спорт и не е така ретка појава.

Можеби затоа што големите победи се сѐ поретки, па публиката си наоѓа своја нишка за нешто да се радува. А, некогаш можеби и затоа што се сфаќа вредноста на моментот наспроти можноста ни тоа да го нема во сезоните што доаѓаат. Оти, рејтингот за следната сезона ќе се базира на учинокот во последниве три, а во нив остварувањата на македонските претставници не се нешто многу големи, па може лесно да се случи македонскиот шампион во иднина да остане далеку од елитата. Па исто како што изгор летото се перцепира како пријатно поради најавата дека следното ќе биде уште пожешко, така се менува и перцепцијата за спортските успеси.

Да, успехот во спортот се мери со резултатите и на крај се бројат победите. Но, барометарот на публиката ја мери и ја наградува и играта и борбеноста.

Ракометна Битола го виде Кил…И Кил ја виде Битола. Јиха и неговите ја пофалија атмосферата и отпорот на Еурофарм Пелистер, истакнувајќи дека тешко стигнале и до Битола и до победата.

Еурофарм Пелистер одигра добар натпревар против еден од најдобрите клубови во Европа и конечно излезе од дебитантскиот грч што го парализираше во првите две кола од групната фаза во ЛШ.

И токму затоа оценките се позитивни, дури и кога резултатот е негативен. За некого разбирливо, за некого не. Исто како и многупати претходно.

2.„Лавиците“ ја бранат честа

Сумирано, Македонија на почетокот на октомври има три експресно елиминирани претставници во европските купови, два активни шампиони и уште два европски дебитанти што сѐ уште не стартувале. Слично како и во ланската сезона, и сега покритичен е настапот на македонските претставници во европските купови во женска конкуренција каде и сезонава повеќе од едно коло избори само актуелниот шампион ЖРК Ѓорче Петров.

Европската сезона прв ја заврши Вардар, елиминиран од Рајн Некар Левен во квалификациите за групната фаза во Европската лига.

ЖРК Куманово доживеа експресна елиминација во Европскиот Куп со два порази на двата меча на гостински терен кај швајцарскиот Херцогенбуше.

Викендов им се придружија и ракометарките на Чаир кои амбициозно стартуваа, но на крај исто така одиграа само два натпревари во Европскиот Куп и два пати беа поразени од холандскиот тим Венло.

ЖРК Вардар пак поради трошоците, не се ни пријави и реши да го прескокне европскиот настап иако со пласманот во конечниот поредок избори место во Европскиот куп што финансиски е можеби поисплатливо, но ракометно е попоразително и од експресните елиминации.

Така, честа на македонскиот женски ракомет на европска сцена повеќе од едно коло и сезонава остана да ја брани само шампионот ЖРК Ѓорче Петров, пријавен исто така во Европскиот Куп кој е трето по ранг натпреварување. Македонските шампионки и дома и на гости во Црна Гора беа супериорни во дуелот со Тиват и заслужено обезбедија пласман меѓу 32 екипи што ќе настапат во следната рунда од Европскиот Куп.

За европски рамки незначителен, за македонски прилики единствен и со самото тоа значаен чекор напред.

Околностите ја креираат перцепцијата.

3.Бројки и факти

На домашната ракометна сцена, деновиве неколку необични бројки привлекоа внимание и вреди да останат забележани.

-92 гола беа постигнати на натпреварот од 2.коло во Првата лига група Б во кој Радовиш со +20 го победи Партизан Гевгелија (56-36).

-Како куриозитет, најдобар стрелец на ракометниот меч со кошаркарски резултат беше ракометар од поразената екипа. Васил Зајков постигна 14 гола за Партизан Гевгелија.

-Ова е втор натпревар во кој една екипа постигнува +50 во првите две кола во Првата лига. Првата 50-ка ја постигнаа ракометарите на Драчево во гостинската победа против Борец со +35 (19-54).

-19 погодоци од кои дури 16 од игра запиша Марија Анчева која го предводеше Астибо во двоцифрената победа против Гевгелија (34-24) во единствената женска Супер лига.

-5 од 7 натпревари во женската Супер лига одиграни викендов завршија со двоцифрена разлика.

-Најубедлива победа со +25 славеше ЖРК Куманово против Шампион. Гостинките кои играа како домаќинки постигнаа само 9 гола за 60 минути (34-9).

Ова се само неколку издвоени бројки за илустрација додека на „одложено-продолжено“ се разгледуваат и се дотеруваат по потреба системите на натпреварување.