Се спрема трансфер-бомба: Емил Нилсен на радарот на Фленсбург!

Данскиот голман Емил Нилсен би можел да го напушти Веспрем по само една сезона и да се пресели во германскиот Фленсбург во летото 2027 година, пренесуваат скандинавските медиуми.

Според информациите на „Rygtebørs“, кој се повикува на свои извори и неколку унгарски медиуми, веќе се водат преговори меѓу Фленсбург и данскиот репрезентативец за можна преселба во Германија.

Нилсен неодамна потпиша тригодишен договор со Веспрем, кој важи до 2029 година. Евентуалниот трансфер во Бундес лигата би значел дека еден од најдобрите голмани во светот би ја напуштил Унгарија по само една сезона.

Шпекулациите за иднината на Данецот се појавуваат во период кога се најавуваат значителни даночни промени во Унгарија од 2027 година. Според информациите на „Daniasport.hu“, новата влада планира да ги заостри даночните правила за спортистите со високи примања и да ги ограничи поволностите што ги нуди актуелниот даночен систем.

Таквите промени би можеле да ги зголемат трошоците за унгарските клубови кои сакаат да ги задржат своите најголеми ѕвезди, а можно е тоа да биде еден од факторите што влијаат врз шпекулациите за иднината на Нилсен.

Засега нема официјална потврда за трансферот, а Данецот има важечки договор со Веспрем до 2029 година. Доколку Фленсбург сака да го доведе уште во летото 2027 година, ќе треба да се постигне договор и со унгарскиот клуб.