Започна полуфиналната плеј-оф серија во словенечкиот шампионат, а со победи стартуваа екипите на Целје и Слован Љубљана против Словењ Градец, односно Тримо Требње и поведоа со 1-0 во победи.
Особено внимание во тамошната јавност привлече мечот во Љубљана, кој Слован на Урош Зорман славеше против Тримо на Бранко Тамше со 37-36 со голот на идниот вардарец Леон Љевар во последните секунди.
Од Тримо Требње се огласија со соопштение за арбитражата особено во финишот, кога имаа напад при 36-36 што можеше да донесе победнички гол. Обвинија за сериозни судиски грешки кои, според нив, директно влијаеле врз конечниот резултат.
Најспорниот момент се случи во 59:48 минута, кога тренерот на домашниот тим, Урош Зорман, заработи исклучување за време на тајм-аутот на Тримо Требње. Од клубот тврдат дека судиите, по продолжувањето на играта, неправилно ја задржале претходно сигнализираната пасивна игра за нивниот тим, иако правилата јасно предвидуваат дека прекршоците за време на тајм-аут се третираат исто како и оние во активна игра, а со тоа им беше одземена можноста повторно да го организираат нападот без ограничување од пасивната игра, што директно влијаеше врз драматичниот финиш.
Во жалбата клубот посочува и други спорни ситуации во последната минута, меѓу кои недосудени прекршоци и одлуки на судиите на штета на Тримо Требње.
„Полуфиналните натпревари треба да ги решаваат играчите, тренерите и квалитетот на теренот, а не контроверзни судиски интерпретации“, порачаа од клубот.
Тримо Требње бара од надлежните органи детална и транспарентна анализа на спорните моменти, како и поништување на резултатот и повторување на последните 12 секунди од натпреварот.
„Серијата сè уште не е завршена. А едно е јасно – пораз на ваков начин не признаваме“, стои во пораката на клубот.
Како ќе реагира словенечката федерација, останува да видиме.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























