Се полакоми по пари во Кувајт, сега бара помош од ИХФ да го раскине договорот

Ветеранот од Аргентина, Фредерико Пизаро, на почетокот на месец февруари одлучи да го напушти тимот на Куенка поради добрата понуда од Кувајт.

37-годишниот Пизаро потпиша договор за тимот од Кувајт, Ал Фахел, но три недела подоцна, искусниот ракометар и понатаму се наоѓа во Шпанија.

Според пишувањата на шпанската „Марка“, аргентискиот репрезентативец чека виза за да може да замине во Кувајт, но и да добие плата од неговиот сегашен клуб.

Претседателот на Ал Фахел бил недостапен за Пизаро и неговиот менаџер, не им одговарал ниту на повиците, ниту пак на пораките, пренесува „Марка“.

Пизаро, кој сега во Шпанија сам си ги плаќа сметките, бидејќи го раскина договорот со Куенка, побара помош од ИХФ.

Аргентинецот преку социјалните мрежи ја информираше јавноста за големата несериозност од страна на Ал Фахел.

,,Се надевам на помош од ИХФ и од аргентинската федерација дека ќе стапат во контакт со федерацијата на Кувајт и дека ќе им ја објаснат оваа ситуација, а воедно и дека ќе го расветлат раководството на еден од нивните клубови и неговиот претседател. Како што е договорено во член 12 од договорот, доколку клубот го откаже договорот, мора да ми плати за два месеци и да ме ослободи”, стои во дел од соопштението на Пизаро.