🎥САБОТНО ИНТЕРВЈУ СО ЕДУАРДА АМОРИМ ТАЛЕСКА: Немам слика што е она што ќе го бараме на ЕП

Ракометарка за која не е потребна посебна најава, нејзиното име Едуарда Дуда Аморим Талеска доволно силно зборува за нејзината големина.

Бразилката, која е македонска снаа, која во Европа дојде со трансферот во Кометал Ѓорче Петров, а од таму само небото беше граница за неа. Левиот бек во својата 20 годишна кариера освои сè што можеше да се освои – клупски, репрезентативно и индивидуално.

Во 2022 година се збогува со играчката кариера, но му остана верна на ракометот. Две години подоцна, таа гради живот во Македонија со сопругот и ќерката, истовремено започнувајќи и тренерска и менаџерска кариера. Во набиениот распоред најде време за кафе-муабет и интервју со 24Ракомет, а една од темите беше работата со националниот тим.

„Она што најмногу ми недостасува тука е што нема цел. Јас не сум таков човек да немам цел, треба да сонуваш. Каде сакаме да бидеме ако се пласираме на ЕП, каде? На 10, 15, 20 место, на петто место? Тоа треба да го имаме во главата уште од сега. Не е само да се пласираме на ЕП, треба да направиме и резултат, нормално. Оваа екипа мислам дека има три-четири ракометарки кои наскоро ќе стават крај, но за останатите девојки веќе осум години како се заедно, не е дека не може. Ако јас со Бразил, која не е ракометна нација можев да освојам СП и потоа седум-осум години да играме на некое ниво, ако таа екипа со помалку ресурси стигна на врвот, зошто да не може Македонија? Немам слика што е она што ќе го бараме на ЕП и тоа ми е чудно, не знам што да очекувам. Мора малку и среќа во ждрепка, но велам, не знам, за мене тоа фали – целта, а таа треба да доаѓа од раководството“, објаснува Едуарда Аморим.