Иако Србија нема да игра на Олимписките игри во Париз, селекторот Борис Ројевиќ веќе започна со стратешкиот план за формирање на репрезентативен тим за пласман на Олимписките игри за четири години.
Србите посакуваат да настапат на Олимписките игри во Лос Анџелес (2028), па така Ројевиќ уште од овој месец ќе започне да работи со иднината на српскиот ракомет.
Српскиот селектор во периодот од 12 до 14 јуни во Стара Пазова ќе одржи репрезентативна акција под името „Олимписки Тим“. На репрезентативната акција треба да се појават 20 играчи, дел од нив се интернационалци.
Меѓу повиканите играчи се наоѓа и членот на македонскиот вицепрвак Вардар, левиот бек Стефан Петриќ, како и довчерашниот член на Тиквеш, кружниот напаѓач Никола Стефановиќ.
Тимот на Ројевиќ ќе одигра и неколку контролни дуели со младинската репрезентација на „орлите“. Младинците, пак, ги очекуваат подготовки за настап на Европското младинско првенство во Словенија.