Ракометарите на Охрид утре ги очекува голем предизвик – борба за место во финалето на ЕХФ Европскиот Куп.
По поразот во првата средба кај Целје со 27-26, Охрид може со било каков триумф од два или повеќе разлика да оди во битка за трофеј.
Тренерот Борис Ројевиќ очекува тежок натпревар, но вели дека момците се подготвени за битката.
„Не чека тежок меч против најталентираната екипа во Европа. Имаат во своите редови четири-пет играчи, кои ова лето ќе се преселат во најдобрите европски клубови, па се работи за една инзвонредна екипа, па ќе не чека тешка задача. Сите момци едвај чекаат да истрчаат на терен и да ја почувствуваат енергијата од трибини, се надевам дека атмосферата ќе биде добра и кај нас како што беше во Целје. Таму имавме „бразилска атмосфера“ која ги носеше нивните играчи, а се надевам дека охридската публика ќе покаже дека е подобра, и сметам дека таа енергија ќе биде клучна во овој двомеч“, вели српскиот тренер.
Охрид има активен резултат од првиот меч, а Ројевиќ смета дека одбраната ќе биде клучна.
„Ние го спуштивме Целје на 27 голови, а за споредба оваа сезона даваат меѓу 35 и 40 голови. Мислам дека ако и овој меч биде тој случај, сметам дека ние ќе постигнеме многу повеќе голови. Промашивме таму многу зицери, имавме некои технички грешки. За мене секогаш важи тоа дека одбраната е таа што носи резултат“, продолжи Ројевиќ.
Охрид има проблеми со повредени играчи, но стратегот на домашните најави дека може некој од повредените да се врати во ростерот.
„Не се сите здрави, но се надевам дека сите ќе истрчаат утре на натпреварот и еден играч би можел да се врати иако не тренираше долго време. Девет-десет играчи играат цела сезона, но тоа остави трага, немавме некоја ширина, немавме ни среќа со здравствениот билтен. Сите ќе стиснеме заби и овој месец да одиграме како што игравме минатите девет месеци“, вели Ројевиќ.
Салата е распродадена, па „гладијаторите“ ќе имаат голема поддршка од трибини.
„Сите заедно со публиката ја пишуваме историјата на градот и клубот. Ги повикувам сите да дојдат и да направат феноменална и незаборавна фешта, а момците и јас ќе се оддолжиме, и ќе пробаме да ја совладаме врвната екипа на Целје, па заедно да славиме пласман во финале“, заврши Ројевиќ.
Натпреварот меѓу Охрид и Целје се игра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 19:00 часот.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























