Ројевиќ: Двомечот се игра 120 минути, имаме ние свои адути

Тимот на Охрид денеска го игра првиот полуфинален натпревар во ЕХФ Европскиот Куп против некогашниот европски првак Целје.

Тренерот на „гладијаторите“, Борис Ројевиќ, вели дека патникот во финалето ќе се одлучува во Охрид, но дека секој гол и секоја топка денеска ќе бидат многу важни.

„Денес е првиот меч во полуфиналето, сите во клубот сме среќни што дојдовме меѓу четирите најдобри екипи. Играме против можам да речам најталентираната екипа во Европа која има постигнато одлични резултати, го освоија Купот во Словенија и ја дигнаа самодовербата. Ќе играме во полна сала, каде секогаш има одличен амбиент. Имаме ние свои адути, покажавме многу пати оваа година дека играме најдобра одбрана на Балканот и се надевам дека ќе се радуваме со сите што дојдоа да ни дадат поддршка тука. Но, што и да случи, мислам дека ќе се одлучува во Охрид, бидејќи двомечот се игра 120 минути и мораме да сме концентрирани. Секој гол, секоја топка е денес многу важна“, вели Ројевиќ.

Натпреварот помеѓу Целје и Охрид започнува во 18:00 часот во „Златорог Арена“.