Роглев и Пеев диригираа, Младост Богданци освои златни бодови во битката за Супер лига

Тимот на Младост Богданци предводен од искусниот Никола Роглев и Димитар Пеев, славеше пресврт победа на гостувањето кај Шампион со 31-27, во натпреварот од 5 коло во прволигашкиот плеј-оф.

Роглев постигна 12 погодоци, а Пеев имаше осум реализации и тие двајца постигнаа повеќе од половина на головите за богданчани, додека во финишот неколку важни одбрани имаше и Паунков. Кај Шампион осум гола даде Огненовски, а Спирковски имаше седум.

На почетокот се играше израмнето, но потоа Шампион успеа да се одлепи, во неколку наврати водеше и со шест гола. Сепак до паузата Младост ја преполови негативата, 16-13.

Во вториот дел имаше слична приказна. Шампион поведе со пет гола, 21-16, но за разлика од првото полувреме, богданчани сега го комплетираа камбекот. Најпрво намалија на 21-20, а потоа израмнија и на 23-23.

Голманот Паунков одбрани кога требаше, Младост поведе со 27-26 на четири минути до крајот и успеа рутински да одработи за вредни бодови во битката за Супер лигата.

Сега Младост се израмни со Бисинов на лидерската позиција со по 15 бодови, но велешани имаат натпревар помалку. Во следното коло Бисинов гостува во Богданци.