Селекциите на Црна Гора и Хрватска одиграа реми на стартот на „Трофеј Македонија“, 20-20, во натпревар полн со грешки и со пресврти, а беше решен во последната минута, кога двете селекции погодија по еднаш и на крајот се задоволија со по еден бод.
Црногорките кои дојдоа во Охрид без Плетикосиќ и Атингре, тргнаа одлично по петнаесетина минути водеа со 9-5 и Обрван мораше да бара тајм-аут. Како одминуваше времето така Хрватска се враќаше во егал, и покрај многуте грешки.

Голманката Бешен фати неколку удари во серија и пред паузата Хрватска имаше прилика за реми, но се сплеткаа Петика и Вуковиќ, па на одмор Црна Гора замина со водство, 11-10.
Селекторите Обрван и Лазовиќ на стартот на вториот дел ги измешаа поставите, се играше гол за гол, а на 15-15, двете селекции промашија по четири напади, пред конечно Савиќ да го прекине постот и да донесе предност на Црна Гора.

Беше 17-17 на пет минути до крајот, а Јауковиќ промаши пенал, но потоа ја исправи грешката и стрелаше за 19-19 на минута до крајот. Обрван го искористи последниот тајм-аут, а неговите избранички се изборија за пенал кој го реализира Вуковиќ.
Останаа триесетина секунди за Црна Гора за напад, избраничките на Лазовиќ организираа добра акција што ја заврши Јауковиќ со погодок за реми, 20-20. Од 18:00 часот се игра втората пресметка од првиот ден на „Трофеј Македонија“ меѓу Македонија и Србија.

























