Ристевски: Сакаме продолжување на победничката серија, целта ни е ТОП 3

После победата над Тиквеш на гостински терен, екипата на Охрид, на домашен терен против Бутел ќе атакува на нова победа и продолжување на серијата добри резултати.

Голманот на охриѓани, Бобан Ристевски, кој беше еден од најзаслужните за победата во претходното коло, оптимист е во врска со натпреварот и вели дека бодовите остануваат во Охрид.

„На овој натпревар сме домаќини и со агресивна одбрана, добра полуконтра и реализација сигурен сум дека ќе извојуваме победа. Се подготвуваме за сите, ракометот е колективен спорт. За сите натпревари во плеј-офот се подготвувавме и ќе се подготвуваме максимално. Така и за овој натпревар со добра анализа и максимално залагање на моите соиграчи ќе направиме победничка серија”, вели Ристевски.

Тој смета дека во првиот дел покажале добра игра и Охрид заслужено е во првите три екипи на табелата. Очекува таквата игра да продолжи и во наредните натпревари и сите заедно да се радуваат на успехот.

„За првиот дел од плеј-офот можам да кажам дека изненадивме многу екипи со нашата борбена игра. Но, тука нема да застанеме. Останува вториот дел од плеј-офот и сметам дека ако продолжиме по нашиот план ќе обезбедиме место во топ 3”, дециден е Ристевски.

Натпреварот меѓу Охрид и Бутел се игра во четврток, 11 април, со почеток од 19:00 часот, во спортската сала “Билјанини Извори”.