Во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен по петти пат се одржа традиционалниот меморијален настан „РК Преспа за Зоки, Були и Котле“, посветен на тројцата истакнати ресенчани Зоран Стојановски – Зоки, Булент Ибрахим – Були и Илче Котевски – Котле.
Меморијалот и оваа година обедини поранешни и сегашни ракометари, тренери, спортски работници и бројни љубители на ракометот, кои со своето присуство уште еднаш покажаа дека споменот на луѓето што оставија длабока трага во ресенскиот ракомет продолжува да живее.
Централно место на програмата имаше традиционалниот ревијален натпревар, во кој настапија ветераните и поранешните соиграчи на Зоки, Були и Котле против актуелниот состав на Преспа, засилен со ракометари кои денес играат во македонската Супер лига и во странство, а во минатото го носеле дресот на ресенскиот клуб.
Пред домашната публика повторно настапија повеќе познати ракометни имиња, меѓу кои Ален Ќосевски, Бојан Поповски, Томче Трајчевски, Мартин Карапалевски, Горан Крстевски, Ласко Андоновски…кои со своето присуство придонесоа меморијалот да добие уште поголемо значење.
Во рамки на настанот беа врачени и специјални признанија за Владо Недановски, како и за Дејан Кукуловски и Ален Ќосевски, кои минатата сезона ГРК Охрид го освоија трофејот во ЕХФ Европскиот куп.
Меморијалниот настан „РК Преспа за Зоки, Були и Котле“ веќе прерасна во традиција и претставува симбол на почитта кон луѓето кои оставија неизбришлива трага во историјата на ресенскиот и македонскиот ракомет.
























