Рекордна гледаност во Бундес лигата – во просек по 5.000 гледачи на натпревар!

Најквалитетната лига на светот – Бундес лигата во изминатата сезона, во која Магдебург ја врати титулата во своите витрини, понуди голема возбудливост и речиси во секое коло имаше барем четири до пет дерби дуели.

Во штотуку изминатата сезона Бундес лигата успеа да запише голема бројка кога е во прашање гледаноста на натпреварите во живо. Според информациите кои ги објави официјалниот сајт на Бундес лигата, речиси 1,8 милиони посетители ги посетиле салите на 18-те учесници, или во просек имало по 5.000 гледачи на натпревар.

Најгледан тим за сезона 2023/24 е Кил, кој во просек имал по 10.159 гледачи на домашните натпревари, додека на второто место е Фуксе Берлин, тимот на „лисиците“ во просек имал по 8.370 гледачи на натпреварите на домашен терен.

Зад двата водечки тимови, по бројот на посетители, се најде Рајн Некар. Тимот од Манхајм иако имаше лоша сезона, не обезбеди ниту пласман на европска сцена, доби голема поддршка од своите симпатизери, па така тимот предводен од Себастијан Хинце во просек го следеле 8.000 посетители на натпреварите дома.

По Рајн Некар следуваат екипите на Хановер (6.768 во просек), Магдебург (6.571 во просек) и Фленсбург (6.183 во просек). Нов клупски рекорд со вкупно 102.282 навивачи на своите домашни натпревари, или во просек 6.016 по натпревар, постави незгодниот Ерланген.