Tимот на Радовиш ги потпиша првите договори со играчите кои ќе го носат дресот на клубот во новата сезона од прволигашката конкуренција.
Дел од ракометарите кои настапуваа за Радовиш и во изминатата сезона остануваат дел од тимот, а доверба добија и неколку перспективни млади ракометари од младинската школа, кои со својата работа и посветеност заслужија место во сениорскиот состав.
Досега договори со клубот потпишаа бековите Илија Димов, Филип Костадинов, Иванче Ончев, Васе Петров, голманот Александар Ристов, крилото Стојанче Ристов, како и перпективните играчи од кадетскиот состав – Стефан Трајанов, Трајче Манасиев, Стефан Велков и Александар Ѓорѓиев.
„Во наредниот период ќе ги претставиме и останатите ракометари кои ќе бидат дел од ростерот, со што ќе биде комплетиран играчкиот кадар. Паралелно со тоа, ќе започнат и подготовките за новата сезона, како и одигрувањето на контролни натпревари, преку кои стручниот штаб ќе ја подготви екипата за предизвиците што нѐ очекуваат“, напишаа од Радовиш.
Во сезоната 2026/27, РК Радовиш ќе се натпреварува во Првата лига на Македонија, со јасна цел да изгради силен и конкурентен тим кој ќе ги исполни поставените амбиции и достојно ќе ги претставува клубот, градот и навивачите.

























