Ракометарите на Радовиш ја запишаа првата сезонска победа во Супер лигата, откако на домашен терен славеше против Струга со 33-30. Иако можеа победникот да го решат многу порано, сепак радовишани мораа добро да се испотат до финишот за да го скршат отпорот на жилавиот ривал.
Избраниците на Ѓорѓиев и Долдуров имаа досега само едно реми и еден бод, а сега се израдуваа на уште два бода за вкупно три. Стружани остануваат на делба на 10 позиција со Борец ФЛ со по шест бодови.
Домаќините отворија со водство 5-2, но стружани не ни помислуваа да се откажат од борба за позитивен резултат. Успеаваа да парираат и полека да ја топат предноста на Радовиш, па во еден момент поведоа со 11-10.
Следуваше подобра игра на Радовиш, кој се одлепи одново на плус три, а во финишот на полувремето Струга остана без еден од најдобрите стрелци, Лазар Адамовиќ, кој доби директен црвен картон поради опасен старт.
На паузата, Радовиш водеше со 17-15, а предноста и во второто полувреме се движеше најчесто од два до четири погодоци. Упорни беа избраниците на Наум Танески и на десетина минути до крајот намалија на минус еден, 26-25.
Беше интересна завршницата, се играше гол за гол, но капитенот Постолов донесе плус два, 31-29. Струга не реализираше во следниот напад и домашниот тренерски двоец повика тајм-аут кога остануваа да се играат 90 секунди до крајот.
Стојаноски погоди за 32-29 и домашната радост можеше да почне. Тренерот на Струга, Наум Танески доби црвен картон по приговор кон судиите Ќаеви, па гостите последните секунди ги играа со играч помалку. Уште еднаш Стојаноски беше прецизен за точка на натпреварот и 33-30.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Здравко Постолов со десет и Филип Трајанов со шест погодоци, а кај Струга се истакнаа Александар Стојков со десет и Јулијан Матески со шест гола. Во следното коло, Радовиш гостува кај Борец ФЛ, а Струга ќе го пречека Бутел Скопје.