Провокација од јужниот сосед – нивниот селектор најавува две пријателски средби со Скопје!

Машката репрезентација на Македонија ја очекува пријателски двомеч со селекцијата на Грција во Солун.

Но очигледно селекторот на ривалот, Георгиос Заравинас, има проблем со името на нашата држава и во изјава за сајтот на тамошната федерација го најавува двомечот како средби со тимот на Скопје.

„Сега во Солун ја одработуваме првата недела на подготовките за нашиот нов потфат, учеството на ЕП. Оваа фаза е важна за нас и ние ќе играме две силни официјални пријателски средби со Скопје. Важно е за нас да имаме силни пријателски средби против земји што во последниве години биле постојано присутни во финалните фази од европските и светските шампионати. Ќе испробаме некои работи, ќе консолидираме некои наши посилни особини и ќе се обидеме да вклучиме некои нови имиња поврзувајќи го сениорскиот национален тим со младинскиот национален тим што учествуваше минатото лето на СП. Сениорскиот тим мора да биде отворен за младите кои си го бараат своето место. Нашиот следен собир ќе биде на 16-17 декември во последната фаза од подготовките“ изјави грчкиот селектор кој ги најавува средбите со Македонија, односно „Скопје“ како што вели тој за официјалниот веб-сајт на тамошната ракометна федерација.

Дали РФМ ќе реагира за ваквиот однос на грчкиот селектор кон нашата држава, останува да видиме.

Натпреварите меѓу Македонија и Грција се играат во Солун на 3 и 4 ноември од 17:30 часот.