Пролет губеше со осум гола, но победнички си замина од Радовиш

Екипата на Пролет на незгодното гостување кај Радовиш трриумфираше со 26:24 во натпревар од 5. коло од плеј-аут фазата во Супер лигата и со новите освоени бода остана на првата позиција на табелата.

Иако домашниот тим до 20-та минута делуваше перфектно, имаше водство и од осум разлика (12:4,13:5), гостите се надминаа себе си покажувајќи карактер и борбеност, откако губеа со 14:7, направија серија од 8:0 и на стартот на вториот дел поведоа со 15:14.

Радовишани фуриозно влегоа во натпреварот и уште од самиот почеток го наметнаа својот ритам. Разиграните Илиев и Чеселиов не само што беа прецизни, туку и умешно асистираа, а тоа придонесе домаќинот рано да поведе со 6:1.

Гостите до 25-та минута немаа решение како да го пронајдат патот до мрежата на ривалот, тешко доаѓаа до израз, никако не можеа да фатат ритам, да заиграат според посакуваното, па така домашниот тим кон средината на првиот дел имаше 10:4, а на осум минути пред крајот на полувремето плус осум, 13:5.

Избраниците на Матлиески цели десет минути, во периодот од 10-та до 20-та минта, беа без реализација и за тоа време домаќините стекнаа солидна предност. Сепак, гостите се разбудија во завршницата на првото полувреме и од негатива од 14:7, со серија од 5:0, успеаја на пауза да заминат со минус два, 14:12.

Пролет на ист начин како што го заврши првото полувреме, така го отвори и второто – со серија на голови. За само две до три минути игра, гостинот направи целосен пресврт, поведувајќи со 15:14. Домашниот тим во 35-та минута излезе од кризата, погоди Фереира за 15:15, но гостите бргу возвратија за 16:15.

Откако беше 17:17, тимот предводен од Матлиески успеа со два гола во низа да се одлепи на 19:17. Пролет од тој момент водеше со еден до два гола, во 55-та минута имаше и до плус три, 25:22, а домаќинот не успеа да дојде до барем бод.

Најефикасен во победничката екипа беше Ласко Андоновски со шест погодоци, по пет имаа Андреј Стојановски и Давор Палевски, а четири реализации имаше Стефан Атанасовски. Кај Радовиш се истакна искусниот Ивица Илиев со седум погодоци.