Ракометарите на Пролет го совладаа Еурофарм Пелистер 2 со 27-25 во интересен натпревар од 6 коло во суперлигашкиот плеј-аут. Двете екипи одамна се сигурни во поглед на опстанокот, па овој натпревар не беше важен за ниту еден од тимовите, освен за меѓусебен престиж и место погоре на табелата.
На табелата Прилеп е прв со 32 бода, битолчани се втори со 25, а Пролет е трет со 21 бод на четири кола до крајот на сезоната.
Во најголем дел од првото полувреме се играше израмнето, но домашните пред паузата успеаја да создадат залиха што на крајот ќе се покаже доволна за бодови, 16-11.
Упорните битолчани не се откажуваа од камбек во натпреварот, предводени од одличниот Јовановски на голот со 14 интервенции, дојдоа само на гол негатива.
Беше 25-21 на десетина минути до крајот, а гостите трипати во серија беа прецизни за 25-24. Немаше акција за реми, бидејќи сигурен реализатор на пеналите за Пролет беше Стоилевски, кој го даде и последниот гол за 27-25.
Во победничкиот тим Стојановски беше лидер меѓу стрелците со седум гола, а по пет пати погодуваа Симоновски и Стоилевски. Во составот на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Митревски и Бен Махфуд со по шест погодоци.
























