Да се биде дел од Вардар значи секогаш да се живее со очекувањата за победи и трофеи, a тоа го потенцира предводникот на „црвено-црниот“ тим.
Тренерот Иван Чупиќ не бега од притисокот, туку смета дека токму тој ја покажува големината на клубот.
„Притисокот е привилегија. Не може секој да биде тренер на Вардар, не може секој да игра за Вардар и не може секој да биде дел од Вардар. Токму тој притисок е една од причините поради кои Вардар бил тоа што бил во минатото и поради кои е тоа што е денес“, порача Чупиќ.
Хрватскиот стратег потенцира дека дресот на Вардар, салата „Јане Сандански“ и поддршката од навивачите носат посебна одговорност, но и дополнителна енергија.
„Мора да научите да живеете со притисокот. Тој треба да ви дава самодоверба. Дресот на Вардар, ‘Јане Сандански’ и навивачите ви даваат посебна енергија. Негативниот притисок, лошата форма и послабите резултати се нормални во врвниот спорт. Затоа ова е тимски спорт и затоа имаме дваесет ракометари – за да се заштитиме и да си помогнеме во тешките моменти.“
Чупиќ не сака изговори и бара домашниот терен повторно да биде вистинска тврдина.
„Во ‘Јане Сандански’ не смееме да го трошиме угледот на Вардар, ниту лесно да ги даваме бодовите. Нема алиби – ниту притисокот, ниту повредите, ниту формата, ниту тренерот, ниту платите. Мораме да го браниме нашиот терен. Ако немавме притисок, немаше да играме во Лигата на шампионите. Веројатно ќе се боревме во плејаутот. Затоа велам дека притисокот е привилегија“, заклучи тренерот на Вардар.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























