Ракометарите на Прилеп со убедлива победа над Радовиш од 37:22 во натпревар од 16. коло од суперлигашкото друштво ја заокружија 2024-та година и со новите два бода остануваат во игра за пласман во плеј-оф фазата.
Избраниците на Божидар Мојсов одиграа доминантно во двете полувремина, а веќе при предност на Прилеп од 10:2, евидентно беше дека Радовиш, кој на денешниот натпревар беше формално домаќин, капитулираше, па така високиот пораз беше неизбежен.
Прилеп комплетно доминираше на теренот и на пауза замина со предност од плус десет, 19:9. Домаќините во вторите 30 минути во континуитет ја одржуваа и надоградуваа предноста со максимална контрола на играта и резултатот.
Најефикасен во тимот на Прилеп, а воедно и на натпреварот беше левото крило Давид Трајкоски со десет погодоци, шест запиша Божидар Илиески, четири додаде Филип Адамчески. Кај Радовиш се истакна Марко Стојанов со пет реализации.