Ракометарите на Прилеп држат чекор да бидат меѓу екипите што ќе играат во плеј-оф фазата, откако на свој терен славеа над дебитантот Бисинов со 33:27. За Прилеп ова беше 4-та сезонска победа и со новите два бода се израмни со еден од главните ривали за плеј-офот – тимот на Тиквеш.
Избраниците на Мојсов од стартот наметнаа свое темпо на игра, во воведниот дел, поради одличната игра во одбраната, поведоа со 4:0, а гостинскиот тим главно преку искусните Ончев и Илиев се закануваше кон домашниот гол. Откако Прилеп поведе со 6:2, дебитантот врза два гола во низа и намали на 6:4 во 10 минута.
Одличниот старт на Прилеп не беше никаква гаранција за победа, бидејќи гостите од Велес кон средината на првиот дел намалија на минус еден, 7:6. До 24 минута домашниот тим водеше со еден до три гола разлика, потоа гостинот направик камбек израмнувајќи на 13:13. Во последните пет минути главно се играше гол за гол, а на пауза резултатот гласеше 16:15 во корист за домашниот табор.
На стартот на вториот дел Бисинов во два наврати доаѓаше до израмнување, а исто во толку наврати не реализираше за предност, па така Прилеп ги казни грешките на ривалот и во 35 минута поведе со 20:18. Бисинов во последниот период целосно капитулираше, ги зголеми техничките грешки, дозволи Прилеп осетно да се одлепи, па при резултат од 30:22 беше јасно дека бодовите ќе останат за прилепчани.
Левото крило Давид Трајкоски и левиот бек Никола Цветаноски беа први стрелци во победничката екипа, двајцата играчи имаа по шест гола. Кај Бисинов се истакна Тоше Ончев со девет гола, шест имаше Ивица Илиев.
По ЕХФ неделата, тимот на Прилеп го очекуваат натпреварите со Еурофарм Пелистер (гости), Пролет (гости), Куманово (дома), Охрид (гости), Алкалоид (дома) и Радовиш (гости).
Бисинов ќе има тежок предизвик да фати приклучок за место погоре на табелата, но тимот на Владимир Глигоров си има цел да обезбеди опстанок во најквалитетното натпреварување.