Прилеп се засили со лев бек – потпиша Ангелче Органџиев

Тимот на Прилеп за пролетниот дел од сезоната го ангажираше првото засилување, со кое ќе се обиде да го сочува суперлигашкиот статус. Станува збор за двометрашот, левиот бек Ангелче Органџиев.

Искусниот ракометар есенскиот дел од сезоната го мина во редовите на Тиквеш, но немаше многу простор за игра. Тој своевремено беше дел од Прилеп, па раководството на амбициозниот клуб знае за неговите квалитети.

Органџиев потекнува од Борец Велес, а покрај за матичниот клуб настапуваше и за Радовиш и Вардар 2. Дресот на Радовиш го носеше четири и пол сезони и константно беше меѓу најдобрите стрелци.

Левиот бек во својата кариера има и интернационално искуство, во вториот дел од сезона 2022/23 играше во Германија, поточно во Цвикау. На позицијата лев бек во тимот на Мојсов настапуваат уште Никола Цветаноски и младиот Филип Адамчески. И покрај тоа што Прилеп не обезбеди пласман во плеј-оф фазата, владее оптимизам кај челниците на клубот.

Амбициите на Прилеп за пролетниот дел од сезоната ќе бидат обезбедување опстанок во најсилната конкуренција на домашна сцена. Прилеп за ривали во плеј-аут фазата ги има Вардар Неготино, Скопје, Куманово, Голден Арт, Еурофарм Пелистер 2, Аеродром и Мулти Есенс.

Тренерот Божидар Мојсов првата прозивка за вториот дел од сезоната ќе ја има на 15 јануари. Тогаш ќе бидат познати и плановите за подготвителниот период, во кој прилепчани ќе ја темпираат формата за битката за опстанок.