Познато е каде ќе се делат шест билети за Олимписките игри

Светската ракометна федерација ги објави градовите домаќини на квалификациските турнири за Олимписките игри.

Тоа ќе бидат Гранољерс во Шпанија, Хановер во Германија и Татабања во Унгарија, каде ќе се поделат преостанатите шест билети за Париз.

Во Шпанија покрај домаќинот, ќе играат Словенија, Бахреин и Бразил, а во Германија покрај „панцирите“ ќе се натпреваруваат Хрватска, Алжир и Австрија.

На третиот турнир што ќе се одржи во Унгарија, покрај домаќините ќе играат уште Норвешка, Португалија и Тунис.

Двете најдобри од трите квалификациски турнири, кои ќе се играат од 14 до 17 март ќе обезбедат билет за Олимписките игри во Париз.

Досега на ОИ место имаат обезбедено домаќинот Франција, светскиот шампион Данска, бронзената селекција од ЕП, африканскиот првак Египет, Јапонија која го освои квалификацискиот турнир во Азија, како и Аргентина, која беше прва на Пан Американските игри.