Познати термините за првиот европски двомеч на Ѓорче Петров

Европската ракометна федерација ги објави термините за натпреварите на Ѓорче Петров во второто квалификациско коло од Лигата на Европа.

Првиот натпревар против шведскиот Хорс, „лавиците“ ќе го играат на гостински терен во градот Еслов на 6 oктомври. Овој дуел ќе започне од 16:00 часот, а реваншот ќе се одигра седум дена подоцна во Скопје.

За разлика од дуелите од Европскиот Куп, кои Ѓорче Петров ги играше во Автокоманда, овој натпревар од Лигата на Европа, ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ поради построгите критериуми на ЕХФ за второто по ранг клупско европско натпреварување.

Реваншот меѓу Ѓорче Петров и Хорс е закажан за 13 октомври од 18:00 часот, по што ќе биде познат патникот во третото квалификациско коло.

Таму чека францускиот тим Париз, а победникот од тој двомеч ќе се пласира во групите од Лигата на Европа.