Познати квалификациските групи – кој против кого за место на Олимписките игри

По одигрувањето на натпреварот за третото место на Европското првенство меѓу Германија и Шведска, познати се патниците во квалификациите за Олимписките игри во Париз ова лето.

Швеѓаните ја освоија бронзата по триумфот со 34-31 над Германија, па го добија директниот билет за ОИ, додека домаќините на ова ЕП ќе мораат во квалификации.

Франција е веќе квалификувана како домаќин, додека Данска со освојувањето на светската титула на СП 2023 исто така има директно место во Париз.

Јапонија го освои квалификацискиот турнир во Азија, Египет триумфираше на Африканското првенство, додека Аргентина славеше на Пан Американските игри и го освои билетот за ОИ.

Ракометниот турнир на Олимписките игри ќе се игра од 26 јули до 5 август, додека квалификациските турнири, по кои најдобрите шест ќе обезбедат пласман на ОИ (по двете најдобри селекции од трите групи) ќе се играат од 14 до 17 март.

Квалификации за Олимписки игри:

група 1: Шпанија, Словенија, Бахреин, Бразил
група 2: Германија, Хрватска, Алжир, Австрија
група 3: Норвешка, Унгарија, Португалија, Тунис