Данската федерација го објави конечниот список од 16 ракометари кои ќе ја претставуваат земјата на Европското првенство за младинци, кое од 8 до 19 јули ќе се одржи во Романија. Данците се ривали на Македонија покрај Норвешка и Хрватска.
Селекторот Денис Бо Јенсен се одлучи за комбинација од генерациите 2006 и 2007, а интересен детал е што во тимот се вклучени дури четворица левораки бекови, што според него е резултат на исклучителниот квалитет што Данска го има на таа позиција.
„По уште една репрезентативна сезона во која шанса добија голем број играчи, стигнавме до оваа возбудлива селекција. Имаме добра рамнотежа меѓу генерациите 2006 и 2007, а се решивме за четворица левораки бекови бидејќи станува збор за навистина талентирана генерација“, изјави Бо Јенсен.
Данска ќе биде меѓу главните фаворити за медал на шампионатот, а младите Данци ќе се обидат да ја продолжат традицијата на одлични резултати во младинските категории и повторно да се вмешаат во битката за европскиот трон.
Сите дански репрезентативеци доаѓаат од домашни тимови, а најмногу има од ГОГ Гудме, клуб што ја освои титулата во младинската Лига на шампиони оваа сезона.
Европското првенство ќе се игра во Романија од 8 до 19 јули, а на турнирот ќе настапат 24 репрезентации.


























