Повеќе екипи, повеќе дерби двобои: ЕХФ го објасни новиот формат на ЛШ и ЛЕ

Европската ракометна федерација уште еднаш детално ги претстави новите формати за Лигата на шампионите и Лигата на Европа во машка конкуренција, кои ќе „дебитираат“ во сезоната 2026/27.

Најголемата новина е проширувањето на Лигата на шампионите на 24 екипи, како и нов систем на натпреварување што ќе донесе повеќе европски дербија и поголем број натпревари.

Лигата на шампионите со 24 клуба и главна рунда

Наместо досегашните 16, во новата сезона во Лигата на шампионите ќе настапуваат 24 екипи, распределени во шест групи од по четири тима.

Секоја екипа ќе одигра по шест натпревари (дома и на гости против секој ривал во групата), а првите две екипи од секоја група ќе се пласираат во главната рунда, која ќе брои 12 клуба.

Главната рунда ќе биде поделена во две групи од по шест екипи. Во нив тимовите ќе одиграат уште осум натпревари против клубовите што не биле во нивната група од првата фаза.

Четирите најдобри од двете групи ќе обезбедат место во четвртфиналето, петтопласираните ќе продолжат во осминафиналето на Лигата на Европа, додека последнопласираните ќе ја завршат европската сезона.

Со новиот формат сите четири учесници на Ф4 турнирот ќе имаат одиграно ист број натпревари – 18 (6 во групната фаза, 8 во главната фаза, 2 во четвртфиналето и 2 на Ф4).

Клучни датуми – Лига на шампиони
Групна фаза: 9 септември – 29 октомври 2026
Главна рунда: 18 ноември 2026 – 4 март 2027
Четвртфинале: 24 март – 1 април 2027
Ф4: 12/13 јуни 2027

Македонски претставник во ЛШ е Вардар, кој ќе игра во група со Висла Плоцк, Мелсунген и Нант.

Лигата на Европа ќе добие нов систем, иако бројот на учесници останува ист – 32 клуба.

Тимовите ќе бидат поделени во осум групи од по четири екипи, а првите две од секоја група ќе обезбедат место во плеј-офот.

Во плеј-офот ќе им се приклучат 12 екипи што ќе завршат на третото и четвртото место во групите од Лигата на шампионите, што значително ќе ја зголеми конкуренцијата.

Победниците од 14 плеј-оф двојки ќе се пласираат во осминафиналето, каде што ќе им се придружат уште две екипи од Лигата на шампионите – оние што ќе завршат на петтото место во главната рунда.

Натаму следува класичен елиминациски систем – осминафинале, четвртфинале и завршниот турнир Ф4 во Хамбург.

Клучни датуми – Лига на Европа
Групна фаза: 29 септември – 2 декември 2026
Плеј-оф: 9 февруари – 2 март 2027
Осминафинале: 23 и 30 март 2027
Четвртфинале: 20 и 27 април 2027
Ф4: 22/23 мај 2027

Единствен македонски претставник во Лигата на Европа е Еурофарм Пелистер, кој ќе игра во група со шпанскиот Логроњо, полскиот Вибжеже Гдањск и бундеслигашот Гумерсбах.