Потврдени најавите: Астибо нема да игра во Супер лигата!

Како што објави 24Ракомет пред три дена, тимот на Астибо во претстојната сезона нема да игра во Супер женската лига.

Штипјанки ќе се натпреваруваат во прволигашката конкуренција, а причините за неможноста за настап во елитата, се финансиски.

Од раководството на штипјанки се огласија со соопштение на социјалните мрежи и ја потврдија веста дека ќе играат во Првата лига.

„Почитувани навивачи, пријатели и партнери на РК Астибо,
Управата на Ракометниот клуб Астибо ја известува јавноста дека во претстојната сезона клубот нема да настапува во Супер женската лига на Македонија, туку ќе продолжи со натпреварување во Првата женска лига.
Оваа одлука е донесена првенствено поради финансиски причини. Учеството во Суперлигата бара финансиски средства кои во моментов го надминуваат реалниот буџет на клубот, поради што натамошниот настап на ова ниво моментално не е реално остварлив.
Управата на РК Астибо сака да упати огромна благодарност до Општина Штип, која покрај финансиската поддршка, обезбедува и услови за тренирање, вклучително и сала за тренирање и натпреварување на нашиот тим.
Посебна благодарност упатуваме и до Министерството за спорт на Република Македонија, за обезбедените финансиски средства кои значително придонесуваат за работата и функционирањето на клубот.
РК Астибо располага со млада и квалитетна генерација ракометарки, кои минатата сезона 2025/2026 го освоија второто место во пионерска конкуренција. Настапот во Првата лига претставува одлична можност токму на овие млади пионерки да им се укаже доверба и минути на игра, а составот на тимот во голем дел ќе се потпира на играчки израснати во сопствената школа на клубот“, се вели во соопштението.

Астибо пред две сезони успеа за првпат во историјата да обезбеди место плеј-офот, а во штотуку завршената сезона заврши на шестото место со осум победи, едно реми и 19 порази.