Штип останува без Супер лига – беспарицата го сели Астибо ранг подолу!

Штип најверојатно во новата сезона нема да гледа Супер женска лига. Екипата на Астибо, иако на терен обезбеди опстанок во најсилната конкуренција, се очекува да се откаже од настапот во елитата и да се пријави за Првата женска лига.

Причината е финансиска. Од клубот посочуваат дека настапот во Супер лигата е прескап за актуелните можности, па наместо да продолжи во елитата, Астибо ќе игра во понизок ранг, претежно со пионерската екипа.

„Ќе играме во Првата лига претежно со пионерската екипа, која има неколку репрезентативки и ракометарки кои потекнуваат од Штип. Супер лигата, во која обезбедивме опстанок, моравме да ја напуштиме. Скапа е Супер лигата. Јас и Зоран Саздовски остануваме како први луѓе на екипата, а Марија Анчева ќе биде тренер. Штип ќе остане посиромашен за еден клуб во елитното друштво. Парите се проблем“, изјави Дејан Величков за локалните медиуми.

Ова е сериозен удар за женскиот ракомет во Штип, особено ако се знае дека Астибо минатата сезона направи важен исчекор. Тимот успеа да обезбеди опстанок во Супер женската лига, а во текот на сезоната покажа дека може да биде конкурентен и пред домашна публика и на гостински терен.

Клучниот момент беше победата во Битола, со која Астибо го потврди опстанокот во најквалитетното женско сениорско натпреварување. Тоа беше резултат што требаше да биде основа за нов чекор напред, но наместо стабилизација во елитата, клубот сега е принуден да оди чекор назад.

Астибо во претходниот период беше една од позитивните приказни во женскиот ракомет. Штипјанки играа пред полна сала, имаа поддршка од публиката, а тренерот Дејан Величков беше прогласен и за спортски работник на Општина Штип за 2024 година. Во клубот се создаваше впечаток дека проектот може да расте, особено по сезоната во која беше обезбеден опстанок.

Посебно значајно е што клубот има силна пионерска база. Според планот, токму тие ракометарки ќе бидат носители на новиот тим во Првата лига. Тоа може да биде корисно за развојот на младите, но истовремено значи дека Штип ќе остане без сениорски елитен ракомет барем за следната сезона.

Марија Анчева кој е најдобриот стрелец на клубот ќе биде активна само како тренер. Таа беше една од поискусните ракометарки во тимот и важна фигура во штипската екипа, а сега ќе треба да помогне во водењето на младите играчи низ новиот натпреварувачки предизвик.

Ако одлуката биде потврдена и формално, Астибо следната сезона ќе игра во Првата женска лига, со млад состав и со поинаква мисија – развој на домашни ракометарки, зачувување на клубот и обид повторно да се изгради основа за враќање во Супер лигата.

____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________