Потпишаа еден тренер – за месец дена пу пу не важи и промовираа друг!

Актуелниот селектор на женската репрезентација на Романија, Флорентин Пера, по отказот од Глорија Бистрица, немаше проблем да најде нов ангажман за следната сезона.

Искусниот стратег, кој на интернационално ниво беше дел од ЦСКА Москва, клуб во кој настапуваше и репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, од лето ќе го предводи некогашниот гигант Валчеа.

Иако клубот го продолжи договорот со актуелниот тренер Бент Дал до 2026, градоначалникот на Валчеа најави дека Флорентин Пера ќе биде новиот тренер, а романската јавност смета дека ваквиот потег е несериозен.

За Пера тоа ќе биде кам-бек во редовите на познатиот клуб од Романија, бидејќи во периодот од 2018 до 2021 година веќе го водеше на домашна и меѓународна сцена.

На почетокот на февруари годинава, раководството на Глорија Бистрица одлучи да му врачи отказ поради серијата лоши резултати во Лигата на шампионите, како и слабите настапи во романскиот шампионат.