Полн буџет: РФМ од државата добилa над 4 милиони евра за 6 години

Во годишните финансиски извештаи што РФМ ги доставува до клубовите секогаш бројките се импресивни, а буџетот „милионски“. Но, никогаш нема информација колку од обезбедените пари на РФМ се од спонзорите од УО, колку од други спонзори, други извори, колку од државата? Се се сведува на извештај на еден лист, со сублимирани бројки. Приходи – расходи, и разлика која секогаш е многу мала.

Слично е и со трошоците. Колку отпаѓа на вработените и нивните плати, колку на оние ангажирани со договор, селекторите, тренерите? Колку за огранизирање патување, учества, сместувања? Колку за сениорските, колку за младинските селекции?
Репрезентациите на некои мечеви патуваа со чартер авиони, се потенцира за одличните услови, за редовното исплаќање на премиите за успесите.

На последните собири, наместо во традиционалната база за подготовки, хотелот што се користи блиску до салата каде се тренираше и се играше, играчите беа сместени во друг хотел, од пониска категорија.

Според информациите од Министерството за спорт и Агенцијата за млади и спорт, во касата на РФМ се слеани над 4 милиони евра по различни основи за последните 6 години. Парите се исплаќани во различни транши, но никогаш јавно клубовите на Собрание не добиле информација дали се тоа проекти, и како се потрошени.

Најмногу пари добил РФМ во 2022 и 2023 година, на двапати по над 950.000 евра. Најмалку во 2020 година, само 450.000 евра. Тие години буџетите на РФМ беа и најголеми, но тогаш огранизиравме и младински и сениорски првенства. За разлика од сениорските, на младинските првенства секоја репрезентација си го плаќа својот настап, а на сениорските, само оние што се надвор од 24-члената делегација.

Оваа 2024 година сумата што РФМ ја доби од државата е над 38 милиони денари (околу 620.000 евра). На следното Собрание закажани за февруари 2025 година, можеби ќе има аналитички извештај за буџетот, како е обезден и како е потрошен.

ПАРИ ВЛЕЗЕНИ ВО БУЏЕТОТ НА РФМ ПРЕКУ АМС И МС:

2019 година – 29.750.000 денари
2020 година – 27.778.000 денари
2021 година – 38.925.633 денари
2022 година – 54.290.000 денари
2023 година – 58.500.000 денари
2024 година – 38.401.250 денари
ВКУПНО – 247.644.250 денари