Новата сезона во Лигата на шампионите за жени започнува овој викенд, а 16 европски екипи ќе тргнат во битка за најпрестижниот клупски трофеј.
На стартот ќе има дури четири од последните пет освојувачи на титулата, а меѓу учесниците ќе биде и дебитантот во елитното натпреварување – германскиот шампион Бломберг.
Актуелен шампион е француски Мец, кој минатата сезона стигна до својата прва титула во Лигата на шампионите. Во групната фаза ќе се соочи со исклучително силна конкуренција, бидејќи во истата група се и Ѓер, Оденсе и романската Глорија Бистрица.
Македонија ќе има само една претставничка – десниот бек Ива Младеновска со германската Борусија Дортмунд.
Мец ослабен, Ѓер и Оденсе со големи амбиции
Мец во новата сезона влегува со значително изменет состав. Од шампионската генерација си заминаа голем број важни ракометарки – голманката Јохана Бундсен, левите бекови Ксенија Смитс и Тира Акснер, средниот бек Грас Заади, како и Сара Буктит.
Францускиот шампион ангажираше искусни засилувања како голманката Габриела Морески, левиот бек Кристина Јоргенсен и пикерите Лилу Пинта и Линди Чапчет. Сепак, Мец ќе има потреба од време за новиот состав да се воигра, особено по загубата на домашната титула минатата сезона од Брест Бретањ.
За разлика од Мец, Ѓер ја задржа главнината од својот шампионски состав и дополнително се засили. Унгарскиот гигант ги доведе Тале Рушфелт Деила од Оденсе и Сара Буктит од Мец, па повторно ќе биде еден од главните фаворити за трофејот.
Амбициите се огромни и во Оденсе, кој направи сериозна реконструкција на ростерот. Данскиот тим ги ангажираше Смитс и Бундсен од Мец, но најголемото засилување несомнено е Ана Вјахирева.
Олимписката МВП од Рио 2016 и Токио 2020 пристигна од Брест Бретањ и треба да биде една од главните ѕвезди на новата сезона.
Во Групата А се наоѓаат Есбјерг, ЧСМ Букурешт, Ференцварош, Брест Бретањ, Крим, Борусија Дортмунд, Сола и Будуќност.
Данскиот шампион Есбјерг повторно има највисоки амбиции, а во тимот пристигнаа Џули Скалионе од Икаст и искусната норвешка голманка Силје Солберг.
Сепак, Есбјерг остана без дури седум ракометарки, меѓу кои и Михаела Мелер и Ана Кристенсен, кои се преселија во Ференцварош.
Унгарскиот тим, пак, се засили со средниот бек Елизабет Омореги од ЧСМ Букурешт и пикерот Лиса Чапчет.
Романскиот гигант ЧСМ Букурешт направи сериозна реконструкција и донесе неколку звучни имиња. Од Мец пристигна Тира Акснер, од Ференцварош дојде Дарија Дмитриева, додека тимот ангажираше и три нови голманки – Дениса Шандру, Јулија Думанска и Катрин Габриел. Ново име во ростерот е и левиот бек Ченге Кучора.
Во оваа група се и Крим, Борусија Дортмунд, Сола и Будуќност, па битката за местата што водат во нокаут-фазата ќе биде исклучително интересна.
Форматот останува ист
16 екипи се поделени во две групи со по осум тимови, а секоја екипа ќе одигра по два натпревари со секој противник – дома и на гости.
Најдобрите две екипи од секоја група директно ќе обезбедат место во четвртфиналето, додека тимовите пласирани од третото до шестото место ќе играат плеј-оф за преостанатите четири четвртфинални позиции.
Групната фаза ќе трае од 5 септември 2026 до 21 февруари 2027 година.
Плеј-офот е закажан за 20/21 и 27/28 март, четвртфиналето ќе се игра на 24/25 април и 1/2 мај, додека сезоната ќе кулминира со Ф4 во Будимпешта на 29 и 30 мај 2027 година.
Лига на шампиони, 1 коло:
Крим – ЧСМ Букурешт
Борусија Дортмунд – Есбјерг
Сторхамар – Мец
Подравка – Ѓер
Никобинг – Оденсе
Бломберг – Глорија Бистрица
Будуќност – Ференцварош
Сола – Брест Бретањ

























