Хрватскиот интернационалец Томислав Квастек, кој во изминатите три сезони беше еден од најдобрите кружни напаѓачи во македонската Супер лига, ја напушти Македонија и кариерата ќе ја продолжи во Швајцарија.
Довчерашниот ракометар на Прилеп е нов член на швајцарскиот тим Женева, кој вчера го промовираше како едно од главните засилувања за новата сезона.
Квастек во редовите на Прилеп пристигна пред почетокот на сезоната 2023/24 и со своите настапи брзо се наметна како еден од најдоминантните пикери во домашниот шампионат.
Пред да дојде во Македонија, 25-годишниот Хрват настапуваше во Унгарија, а во својата татковина ги бранеше боите на Замет, Умаг и Нексе Нашице.
























