По седум години пауза: Битола ќе биде домаќин на репрезентативен натпревар!

По пауза од скоро седум години, Битола и салата „Боро Чурлевски“ ќе бидат домаќини на еден натпревар од репрезентативен карактер!

Откако на 25 октомври 2018 година, машката селекција играше и победи против Турција во квалификациите за ЕП 2020, сега Битола ќе ја пречека и женската репрезентација.

Станува збор за реванш средбата од баражот за Светското првенство во Холандија и Германија меѓу женските репрезентации на Македонија и Полска.

Тој натпревар е закажан за 12 април со почеток во 19:00 часот, а претходно избраничките на Кристијан Грчевски ќе играат во Полска на 9 април. Македонија играше на две ЕП во низа, а последен пат на Мундијал настапи во 2007 година во Франција.

Дамите последен пат играа надвор од Скопје во 2006 година, кога во Куманово го пречекаа Исланд во плеј-офот за ЕП 2006.

Машката и женската репрезентација на Македонија долго време играа само во Скопје, но на 1 март се менува раководството на РФМ, па репрезентациите ќе ги играат своите мечеви и во другите градови, кои ги исполнуваат условите за репрезентативни дуели.