По 15 години Норвешка ќе добие нов селектор – заминува трофејниот Хергеирсон!

Европското првенство во Австрија, Швајцарија и Унгарија кон крајот на годинава, ќе биде последно големо натпреварување на кое Торир Хергеирсон ќе биде селектор на женската репрезентација на Норвешка.

По цели 15 години како селектор, а претходно и осум години како асистент на Марит Бревик, Хергеирсон заминува од норвешката клупа.

„Имав неколку недели одмор по Олимписките игри. Кога ми заврши одморот, сфатив дека сега е вистинското време да прекинам со работата“, вели Хергеирсон.

Со него на клупата, женската репрезентација на Норвешка освои дури 10 титули на големите натпреварувања.

Во неговата биографија ќе останат запишани пет европски злата, три светски и две олимписки. Плус на ова треба да се додадат и две олимписки бронзи, две светски сребра и една бронза, како и уште едно европско сребро.

Раководството на норвешката федерација сигурно ќе има тешка задача да најде наследник на Хергеирсон, кој ќе може да ја продолжи низата на големи успеси на женскиот репрезентативен ракомет.