Плзен и Костески на чекор до полуфинале во Чешка

Екипата на Талент Плзен, во која настапува репрезентативецот на Македонија, Никола Костески, се наоѓа на чекор до пласман во полуфиналето од плеј-офот во шампионатот во Чешка.

Талент Плзен денеска го доби вториот четвртфинален дуел против Фридек Мистек, откако триумфираше со десет гола разлика, 33:23 (18:12).

Македонецот на денешниот дуел одигра на ниво, имаше четири погодоци од исто толку обиди.

На вчерашниот дуел, на кој Талент Плзен победи со 35:33, левото крило од Македонија исто така имаше четири реализации.

Третиот дуел меѓу Талент Плзен и Фридек Мистек ќе се одигра за неколку денови, односно на 29 март.