Пиеховски: Атмосферата што се создава во Битола може да смени тек на секој натпревар за миг!

Полскиот кружен напаѓач Матеуш Пиеховски е најновото засилување за македонскиот првак Еурофарм Пелистер.

Тој вели дека уште од стартот е прифатен одлично од соиграчите и стручниот штаб и му се допаѓа градот Битола.

„Доаѓам во Еурофарм Пелистер во тежок момент за мене, бидејќи е тешко кога се менува клуб и држава. Клубот и момците се одлични, ми помогнаа уште од стартот да се прилагодам на новата средина. Во соблекувалната имаме одлична атмосфера, тренерот и целиот персонал на клубот ми помагаат. Битола ми се допаѓа, мал град, но имаме се што ни е потребно, а најважно е дека има и многу природа наоколу, па ќе биде полесно и за мојата сопруга и нашето куче за шетање. Луѓето се добри“, вели Пиеховски.

Полскиот интернационалец вели дека полека се вклопува во тимот и може да помогне.

„Имам големо искуство со многу тренери со различни тактики. Првите неколку дена се вклопував во тимот, сега се чувствувам одлично, а кога е така можеш да го дадеш најдоброто од себе. Кога го гледав мечот со Вардар, сакав да им помогнам на момците. Јас сум човек што сака да се бори, сакам да бидам дел од тимот и да го дадам мојот придонес и сигурен сум дека можам да помогнам. Имам гледано многу натпревари од македонската лига, имам гостувано во Скопје со Висла Плоцк, но овде е неверојатно. Фановите се како на фудбал, ако мислиш дека ќе биде тишина барем на минута, тогаш се лажеш. Битолската атмосфера може да го сврти текот на натпревар за миг. Фановите ти даваат повеќе сила“, вели Пиеховски.

Дебито на Пиеховски се очекува да се случи на натпреварот од домашното првенство против тимот на Бутел Скопје в сабота.