Петровски со нов предизвик, ќе игра во Германија!

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Дарио Петровски, во вториот дел од тековната сезона ќе има нов предизвик во својата кариера.

Битолчанецот ќе го носи дресот на Цвикау, клуб кој се натпреварува во петтата по квалитет Бундес лига.

Во Цвикау настапува и кружниот напаѓач Пеце Ѓорѓиоски, како и еден од најдобрите странци што играле во Македонија, десното крило Реваз Чантурија.

Петровски веќе дебитираше за Цвикау и со осум погодоци, но и седум асистенции, го водеше тимот до победа над Конкордија од 24:18.

26-годишниот ракометар во првиот дел од сезоната беше дел од босанскиот суперлигаш Коњух, но не доби голема шанса да ги покаже своите квалитети.

На интернационално ниво настапуваше за Гвадалахара од Шпанија и Јуниор Фасано од Италија, додека во Македонија беше дел од првиот и вториот тим на Еурофарм Пелистер, а краток период мина во дресот на Струга.