Петреска е меч-винер, Куманово ја доби драмата со Вардар

Ракометарките на Куманово се израдуваа на триумф над големиот ривал Вардар со 27-26 во 16 коло од плеј-офот во Женската лига.

Иако гостинките водеа со шест гола во текот на мечот, сепак избраничките на Славиша Димитријески успеаја да направат комплетен пресврт и да се радуваат на два бода, а меч винер беше Марија Петреска, која го даде победничкиот погодок.

Една од најдобрите кај гостинките, Леона Миленкоска, доби црвен картон по трите исклучувања на стартот на вториот дел, но и покрај тоа вардарки ја имаа предноста во последните три минути по голот на Трифуноска за 26-25.

Прво Јовановска одбрани еден удар на гостинките, па Зечевиќ погоди за реми, а новата грешка на вардарки беше казнета од Петреска. Избраничките на Анжела Платон не реализираа уште еден напад, па победата остана дома.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Зечевиќ со седум, како и триото Шехтанска, Јовановска и Цветановска со по четири гола. Во тимот на Вардар, Сара Богојеска даде шест погодоци.