Ракометарите на Еурофарм Пелистер водат со 12:10 на полувреме против Висла Плоцк во натпревар од 10. коло од Лигата на шампионите. За битолскиот тим овој натпревар е од голема важност, бидејќи со победа ќе биде поблиску до пласман во осминафиналето во европската елита.
Натпреварот го отворија гостите преку средниот бек Митја Јанц, а домашниот табор преку Тајник возврати за 1:1, а потоа истиот ракометар беше успешен за водство на македонскиот шампион од 2:1. По серијата грешки на тимот од Полска, младиот Атанасијевиќ погоди за 3:1, но Висла Плоцк со серија од 2:0 израмни на 3:3 во 8-та минута.
До овој период, голманот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски, имаше една одбрана, на спротивната страна Алиловиќ беше без интервенција. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, беше 6:6 во 15 минута, а двете 6-ки на семафорот беа јасен знак дека ќе гледаме возбудлив натпревар.
Домаќините и гостите во желбата да дојдат до предност, се повеќе грешеа, а Висла Плоцк во 20 минута со голот на Зарабец дојде до првото водство, поведе со 7:6. Со серија од 2:0, пелистерци повторно си ја вратија предноста и дојдоа до 8:7 во 22 минута.
До крајот на полувремето ниту една од двете екипи не успеа да дојде до предност поголема предност, пелистерци поведуваа, гостите израмнуваа, беше 10:10 во 28 минута, а во последните две минути Еурофарм Пелистер постигна уште два гола за 12:10 на пауза.