Павлов во одлична форма, беше најдобар против чешкиот вицепрвак

Новиот интернационалец од Македонија, Синиша Павлов, кој на почетокот на оваа сезона потпиша за чешкиот Маломерице, од натпревар во натпревар го крева нивото на квалитет на својата игра.

Иако неговиот тим во натпревар од 5. коло од шампионатот на Чешка беше поразен од вицепрвакот Карина, 36:27, ракометарот од Прилеп одигра одличен дуел, имаше шест реализации од осум обиди и подели неколку асистенции кон своите соиграчи.

Чешкиот првак Талент Плзен, каде што игра Никола Костески, ја запиша четвртата победа во новата сезона.

Тимот на Костески за нов ривал ја имаше екипата на Страконице и без многу проблеми обезбеди убедлив триумф од 42:23.

Пораз доживеа екипата на Брно, во која настапува Дејан Кукуловски. Брно загуби од Копривнице со 33:26, а повремениот репрезентативец на Македонија двапати се запиша во листата на стрелци.