Селекцијата на Норвешка ја забележа третата победа на Олимписките игри, откако во драматичен натпревар беше подобра од Унгарија со голот на Блонц во последната секунда од контранапад за 26-25.
Во првиот дел Унгарците беа тие што ја имаа контролата на мечот, барем во поголемиот дел. По норвешкото водство со 7-5, Унгарија направи серија од шест гола и поведе со три, 11-8. На пауза, момците на Чема Родригез водеа со 13-11.
Откако Норвешка израмни во вториот дел најчесто се играше израмнето, а голема драма имаше во последната минута.
Грондал направи грешка, Унгарците тргнаа во победнички напад, но Бергеруд му одбрани на Бенце. Остануваа уште пет секунди до крај, беше фрлена контра и во последната секунда Блонц погоди за големо норвешко славје.
Со три победи на три меча, Норвека веќе може да се подготвува за четвртфиналето, додека Унгарија ќе мора да го направи тоа во преостанатите два меча.
Најдобар стрелец кај победникот беше Блонц со девет гола, а Бергеруд имаше 14 интервенции. Во составот на Унгарија се истакнаа Банхиди и Имре со по шест гола.