„Овчарите“ се прва пречка за Македонија до Мундијал

Машката кадетска репрезентација на Македонија обезбеди место во разигрувањето за пласман од 9 до 16 позиција на Европското првенство во Србија, а тоа значи дека може без притисок околу опстанок да ги одигра следните три меча.

Но останува борбата место кое води на Мундијалот наредната година, а за тоа ќе биде доволно само една победа на преостанатите три средби, бидејќи ТОП 15 селекциите ќе се пласираат на СП 2027.

Денеска од 12:00 часот, избраниците на Горан Кузманоски ќе се соочат со селекцијата на Фарски Острови.

Незгодните „овчари“ во групната фаза загубија само од Шпанија со 37-32, ремизираа со Австрија 26-26, а ја совладаа само Финска со 38-31.

Во групата за разигрување за пласман, Фараните ремизираа со Полска 31-31 и потоа загубија од Данска со 32-27.

Ако Македонија слави против Фарски Острови, тогаш ќе оди во битки од 9 до 12 со победникот од средбата меѓу Португалија и Шведска, во спротивно оди во разигрување со поразениот од тој двобој за пласман од 13 до 16 место.