Олеснет патот до нов Мундијал: Македонија ќе игра само еден бараж за СП 2025 година!

Патот на машката репрезентација на Македонија до учество на ново Светско првенство ќе биде олеснет за разлика од претходниот пат кога моравме да поминеме две пречки. За пласман на СП 2025 година што ќе се игра во Данска, Хрватска и Норвешка, Македонија ќе игра само еден бараж.

Иако ова е неофицијално додека не потврдат од Европската куќа на ракометот, сепак според информациите на 24Ракомет, ЕХФ веќе го најавила квалификацискиот систем за СП 2025 кој ќе се состои од две фази, а три рунди и го доставила до РФМ и до другите федерации.

Продолжува суспензијата на Русија и Белорусија од меѓународните натпреварувања, па 37 селекции ќе бидат дел од европските квалификации, од кои домаќините – Данска, Хрватска и Норвешка, како и Франција (финалист на СП 2023) веќе се пласирани на СП 2025 година. Од ЕП 2024 финалистите ќе обезбедат исто така директно место на Мундијалот, па ќе останат да бидат пополнети уште 11 места од Европа.

Претквалификациите или првата фаза се играа годинава. Потоа во март догодина, ќе биде одигран првиот дел од втората фаза, а тогаш паралелно ќе се одвиваат и олимписките квалификации за ОИ 2024 година. Во втората недела од мај 2024 ќе биде главното за Македонија и за учесниците од ЕП 2024 година, кога ќе бидат одиграни 11 бараж средби за СП 2025.

СП 2025 (Данска, Норвешка, Хрватска), 8-26 јануари:

Домаќини (3): Данска, Шведска, Норвешка
Светско првенство 2023 (1): Франција
Европско првенство 2024 (2)
Африканско првенство 2024 (5)
Азиско првенство 2024 (4)
Првенство на Јужна и Централна Америка 2024 (3)
Првенство на Северна Америка и Кариби (1)
Европски квалификации (11)
Океанија (0/1)
Вајлд карта (1/2): САД

Европски квалификации за СП 2025

прва фаза (30.10-05.11.2023) – бараж средби (10 репрезентации)

прв шешир: Турција, Израел, Словачка, Финска, Естонија
втор шешир: Косово, Летонија, Италија, Луксембург, Велика Британија

втора фаза – прв дел (11.03-17.03.2024) – бараж средби (8 репрезентации)

прв шешир: Литванија, Украина, Белгија, Израел/Луксембург
втор шешир: Словачка, Италија, Финска, Естонија

втора фаза – втор дел (06.05-12.05.2024) – бараж средби (22 репрезентации)

прв шешир: 3-13 место на ЕП 2024 со исклучок на Данска, Хрватска, Норвешка, Франција
втор шешир: 14-24 место на ЕП 2024 со исклучок на Данска, Хрватска, Норвешка, Франција + четири победници од втора фаза/прв дел

Учесници на ЕП 2024 што досега немаат обезбедно пласман на СП 2025: Шведска, Шпанија, Германија, Унгарија, Исланд, Словенија, Португалија, Полска, Холандија, Србија, Црна Гора, Чешка, Македонија, Австрија, Швајцарија, Босна и Херцеговина, Романија, Грција, Фарски Острови и Грузија

Од оние селекции што играат на ЕП 2024, остануваат уште 20 досега без пласман на СП 2025, а по крај на ЕП 2024 ќе останат уште 18 бидејќи медалистите одат директно на СП. Од останатите 18, првите 11 со највисок пласман на континенталниот собир ќе одат во првиот шешир, додека другите седум со најслаб пласман на ЕП 2024 ќе бидат во вториот шешир и ќе им се придружат четирите победници од втората фаза – прв дел.

Ова во превод значи дека пласманот на Македонија на ЕП 2024 ќе биде многу важен, а дури и да не обезбедиме пласман во главната рунда, односно меѓу најдобрите 12, важно ќе биде да имаме барем една победа што ќе ни гарантира најмалку 17 место, а тоа ќе биде доволно за прв шешир и полесен ривал во баражот за СП 2025 година.

Избраниците на Кире Лазаров ќе играат во групата А на ЕП 2024 заедно со селекциите на Германија, Франција и Швајцарија. Ако Германија и Франција се големи фаворити против нас, победа над Швајцарија ја води Македонија во прв шешир за баражот за СП 2025. И нема да биде да биде важна само пресметката со Швајцарците, туку и гол разликата од пресметките со Германија и Франција што ќе биде одлучувачка во пласманот на континенталниот собир.